Охрид, 12. февруари 2015 (ОХРИДПРЕС) – Денеска е Св. три Ерарси или Свети Три Светители.
Празникот е установен во единаесеттиот век, иако тројцата светители (Василиј Велики, Григориј Богослов и Јован Златоуст) на кои денес Црквата се сеќава живееја во четвртиот век. Со тек на времето, нивната светост почна да се мери со човечки мерила, па така овие светители наместо причина за соединување во љубовта станаа предмет на меѓусебни разделби.
Христијаните се делеа, мерејќи кој од нив е посвет од другите. За да го запре безумието Црквата го установи нивното заедничко и рамночесно празнување на овој ден, иако секој од нив има и свој посебен празник.
Како што главата и телото сочинуваат еден човек, така и Црквата и Господ Христос се едно, зашто Црквата е полнота на Христа. Оваа вистина ја запазиле и ни ја предале и денешните славеници, богоносните учители на вселената и непоколебливи проповедници на Божјото слово: свети Јован Златоуст, свети Василиј Велики и свети Григориј Богослов. Празнувајќи го денес нивниот спомен, сите ние молитвено се потсетуваме на величенственоста на нивниот охристовен разум, со кој толку многу јасно ја избистриле суштината на христијанството и неговата улога во светот низ сите времиња. Зашто, според зборовите на апостол Павле, Христос е ист и денес, и утре и во векови. И нивното благодатно учење е исто засекогаш, зашто никогаш не старее и никогаш не губи од својата современост.
Светите три ерарси на Православната Црква сфатиле дека, христијанството, во суштина, е пресметка со светот, кој отсекогаш паѓал во искушение, обидувајќи се грешниот човечки разум да го издигне над верата, а материјалните добра над бесмртниот дух. Продолжувајќи го и пренесувајќи го Христовото учење, тие настојувале своите современици, но и сите нас, да ги ослободат од своите стари предубедувања и предрасуди, исклучиво со силата на својата вера и својот дух.
Овие боговдахновени учители, својата вера не ја доживувале само за себе, туку на премудар начин умееле да им ја пренесат на сите и со зборови да им ја објаснат. Слободно можеме да речеме дека, тоа го правеле на начин поснажен и поубедлив од сите нивни современици, допринесувајќи на таков начин за незапирливо ширење на христијанството во светот, во кој многу несвесни заблуди и свесни лаги биле прифатени како божествени вистини.
Православието не ги негира ниту светот, ниту, пак, животот. Но, Православието честопати умее критички да се однесува кон нив, укажувајќи на тоа, што е неспоиво кај нив со љубовта кон Бога и човекот, или што може таа љубов да ја извалка. Попрецизно кажано: Православието е духовна наука, чија цел не е да ги открива тајните на природата, туку да му помогне на човекот во животниот лавиринт да биде способен со сигурност да ја разликува вистината од лагата, духовното од материјалното и спасението од вечната пропаст. Од времето кога живееле светите Јован Златоуст, Василиј Велики и Григориј Богослов, човекот и неговите секојдневни искушенија не се изменети, иако можеби формата на светот привидно се менува, па затоа лекот против искушенијата, кој тие го нудат преку нивната божествена наука, актуелен е и ден денес. (Крај)
извор: ОхридПрес/blagovesti фото: архива