Охрид, 14. февруари 2018 (ОХРИДПРЕС) – Како и секоја година во овој период на годината повторно се поставува непотребната дилема – Св. Трифун или Св. Валентин?
Таа е секако сосема непотребна и вештачки е наметната затоа што тоа е ден кој треба да зближува, а не да разделува. Посветете им посебно внимание на најблиските за денешниот празник Св. Трифун, а Св. Валентин нека Ви биде секој ден во годината.
Легендата вели дека Свети Валентин живеел во Рим за време на владеењето на императорот Клаудиј Втори, кој започнал и водел многу војни при што имал тешкотии да собере војници. Вината за тоа ја нашол во брачниот и жубовниот живот на потенцијалните војници и затоа забранил склучување веридби и бракови. Валентин, кој бил свештеник, и покрај строгата забрана ги венчавал вљубените. Поради тоа бил уапсен, мачен и убиен токму на 14-ти февруари 269 година од нашата ера. Два века подоцна бил прогласен за светец.
Свети Трифун, според преданијата, живеел во третиот век и се занимавал со своето домаќинство и со чување гуски. Тој имал чудесна моќ да лекува голем број болести со молитва. Се верува дека ја излекувал ќерката на римскиот цар Гордијан од душевната болест. Царот богато го наградил, а Трифун богатството го поделил со сиромашните. За време на владеењето на римскиот цар Дациј, Трифун бил мачен и откако не се откажал од христијанството бил убиен.
Се верува дека овој светец ги заштитува посевите, а за свој заштитник го земаат кафеанџиите и винарите, кои токму на денешен ден за прв пат во годината ги закројуваат лозите.
Според народните верувања, ако на денот на Свети Трифун врне дожд или снег, годината ќе биде плодна, а ако е ведро времето не очекува сушна и јалова година пред нас.
Модерните и екстремно комерцијални времиња денешниот ден го поврзуваат најчесто со прекумерно трошење преку купување на цвеќе и ситни, но и скапи подароци, праќање на SMS пораки и електронски честитки, славење по кафеани… Притоа како да ја забораваме суштината на двојниот празник.
Сепак за изразување на љубов и наклоност не е доволен само еден ден во годината. На љубените, саканите и блиските со мали гестови кои ги греат срцето и душата, љубовта треба да им се искажува секојдневно. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива