Охрид, 23. декември 2024 (ОХРИДПРЕС) – Со историски час, денеска ќе се одбележи јубилејот, 100 години од смртта на познатиот охридски револуционер Петар Чаулев.
Предвидено е обраќање на преставник на Општина Охрид, а историски осврт кон ликот и делото на Петар Чаулев преку историска драма подготви професорот по историја, Михаил Патчев. Настанот ќе се одржи во Спомен куќата на Христо Узунов со почеток во 15:00 часот.
Петар Чаулев е роден во Охрид, на 18-ти декември 1881-ва година, а бил убиен во Милано, на 23 декември 1924 година. Тој бил македонски револуционер, учесник во Илинденското востание.
Се школувал во Охрид и во Битола и на 17 години, како ученик на битолската гимназија „Св. Кирил и Методиј“, положил заклетва и се вклучил во македонското ослободително движење. По краткото учителствување во охридските села, од 1899 година се јавува како организатор на револуционерните комитети во Охридско, Преспанско и Леринско и како војвода во Охридско за време на Илинденското востание.
Во Илинденското востание бил војвода и раководител на Охридскиот револуционерен комитет. Учествувал во Балканските војни, во Тиквешкото и во Охридско-дебарското востание. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива