Вевчани, 10. јануари 2017 (ОХРИДПРЕС) – Во познатото струшко село, кое е истовремено и самостојна општина, Вевчани, денеска со пропратните активности од културниот блок, практично започнува годинешното издание на Вевчанскиот карневал – 2017.
Програмата, денеска е во знакот на одбележувањето на верскиот празник Свети Василиј – Велики, заштитник на вевчанските василичари и Вевчани, додека формалното започнување на карневалот е во четврток и ќе трае и во наредните два дена.
Денеска, со почеток во 17:00 часот, во Клубот на пензионери во Вевчани, ќе се одржи трибина на тема: „Перспективите на руралниот туризам во република Македонија со осврт на општина Вевчани“. Предавач ќе биде проф. Д-р Никола Панов, член на Вевчанската Академијата на убавите уметности.
Утре од 18:00 часот, исто така во Клубот на пензионерите, ќе биде извршена промоција на романот „Пред шарени врати“ од Косте Шутиноски.
Во четврток, на 12-ти јануари, во 12:00 часот во Клубот на пензионери ќе биде отворена изложбата на слики од Ниче Василев, академски сликар.
Забавниот дел ќе стартува на 12-ти јануари во 21:00 часот со настап на домашните групи ДНК и Нокаут, а пред полноќ ќе се претстават и Фрајле, гостинките од Србија.
На 13-ти јануари во 21:00 часот присутните ќе ги забавува фолкерката Анета Наковска, додека Православната нова година ќе биде пречекана со настапот на вевчанецот Ефто Пупиноски.
Традиционалното дефиле на на маскарите, низ вевчанските улици, со околу 1.000 вевчански сурати (маски), се одржува на 13-ти јануари, после 14:00 часот.
Карневалот завршува на 14:00 јануари, со традиционалното палење на маските. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес