Охрид, 4. декември 2024 (ОХРИДПРЕС) – Денеска треба да продолжи процесот што пред Основниот суд во Охрид се води за случајот со нападот врз Христијан Пендиков, секретар на поранешниот бугарски културен клуб во Охрид.
На последното рочиште пред Судот беа презентирани докази дека првообвинетиот е непосреден учесник во спасувањето на преживеаните во бродската несреќа на Охридското Езеро од 5-ти септември 2009 година, кога при потонувањето на бродот „Илинден“ животот го загубија 15 туристи од Република Бугарија. Заради неговиот личен продонес во спасувањето тој од бугарската држава е одликуван со орден за заслуги. Одбраната предложи како доказ во предметот да биде вметната и видео-снимка од интервју што оштетениот Пендиков ја дал за бугарска национална телевизија, на што Обвинителството се спротивстави од неколку причини, пред се поради тоа што не е утврдено дали се работи за целосна снимка или само извадоци од изјавата на оштетениот.
Судијата Бојан Мартиноски, кој го води предметот ја задолжи одбраната за денешното рочиште да обезбеди превод на целата изјава на македонски јазик, а за тоа дали истата ќе биде внесена како доказен материјал Судот ќе решава дополнително.
Инцидентот се случи на 19-ти јануари минатата година пред угостителски објект на Кејот на езерото во Охрид, за што директно се обвинети Илија Спасески од Охрид и Борче Ангелов од Битола. Застапникот на Пендиков во процесот пред Судот најави оштетно побарување заради претрпените физички повреди. Случајот предизвика тензии во односите меѓу Софија и Скопје. По неговото лекување во Бугарија, Пендиков доби и бугарско државјанство што тогаш лично му го врачи потпретседателката на Бугарија, Илијана Јотова. (Крај)
извор: мкд.мк фото: архива