Охрид/Струга, 8. јуни 2024 (ОХРИДПРЕС) – Со отворање на ИПА Вело експо и ИПА Вело штанд, синоќа на Градското пристаниште во Охрид, Интернационалната полициска асоцијација (ИПА), регион Охрид, го започна годинешниот ИПА Вело викенд „На точак, Охрид и Струга да видам“.
Рекреативната велосипедска тура Охрид-Струга-Радожда ќе се одржи денеска, со старт во 08:00 часот од градското пристаниште. ИПА вело турата Охрид-Струга-Радожда станува се’ поатрактивна за вљубениците во рекреативниот велосипедизам, а годинава, свое учество пријавија над 100 учесници од Република Македонија, Босна и Херцеговина, Србија.
Преку оваа вело кампања ИПА Охрид, по осми пат ја афирмира идејата за велосипедско поврзување на двата крајезерски града Охрид и Струга, со современо уредена, безбедна и функционална велосипедска патека.
– Денеска, кога државите градат велосипедски автопати, крајно време е, и во охридско-струшкиот регион на Македонија, да имаме безбедни вело патеки а не, да возиме покрај автомобилите, автобусите и камионите, ставајќи се во сериозна и опасна ситуација како ранлива категорија учесници во сообраќајот. Не сакаме повеќе жртви-велосипедисти на нашите небезбедни патишта, на кои нема ни трага ни глас од современи вело патеки. Кампањата има за цел, да ги поттикне надлежните од двата крајезерски града- идеални места за велосипедизам, конечно и сериозно да пристапат кон проект за меѓусебно велосипедско поврзување и изградба на безбедна вело патека означена со современа хоризонтална и вертикална сообраќајна велосипедска сигнализација, велат од ИПА Охрид.
Додаваат дека Охрид и Струга како атрактивни туристички центри во Македонија, треба многу повеќе да направат за ширење на мрежата на велосипедски патеки што силно ќе ги подигне на балканските и светските вело туристички мапи, ќе се збогати туристичката понуда, ќе се привлечат многу повеќе туристи што ќе е огромен бенефит за охриѓани, стружани, за хотелско-туристичките работници, за рент а бајк агенциите и секако, за туристите од Македонија и светот. Возењето велосипед е љубов, спорт, потреба, рекреација, незаборавна авантура и неповторливо доживување. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива