Охрид, 22. септември 2019 (ОХРИДПРЕС) – Денешниот празник е поврзан со вчерашниот празник Мала Богородица, денес се одбележува споменот на нејзините родители, Светите Јоаким и Ана.
Свети Јоаким беше син на Варпафир, од Јудиното колено и потомок на царот Давид. Ана беше ќерка на свештеникот Матан.
Јоаким и Ана живееја во брак педесет години и беа бесплодни. Живеја богоугодно и тивко и од сите свои приходи само една третина употребуваа за себе, другата им ја раздаваа на сиромасите, а третата ја жртвуваа во храмот. А беа доволно имотни.
Еднаш на старост, кога одеа да Му принесат жртва на Бога во храмот, првосвештеникот Исахар го укори Јоаким: „Не си достоен од твојата рака да се прими дар, бидејќи си бездетен.“ Така и другите што имаа деца го туркаа Јоаким зад себе како недостоен. Тоа многу ги нажали овие две стари души, па дома се вратија во голема тага. Тогаш обајцата припаднаа на молитва кон Бога за и ним да им направи чудо како некогаш на Аврам и Сара и да им подари едно дете за утеха во староста.
Бог им го испрати Својот ангел, којшто им го објави раѓањето на нивната преблагословена ќерка, со Која ќе се благословат сите народи на земјата и преку Која ќе дојде спасението на светот. И Ана зачна веднаш и во деветтиот месец Ја роди Пресветата Дева Марија. Свети Јоаким поживеа на земјата осумдесет, а Ана седумдесет и девет години и се преставија кај Господ. (Крај)
извор: МПЦ-ОА фото: архива