Охрид, 27. септември 2019 (ОХРИДПРЕС) – Денес се очекува да започне отстранувањето на дел од платформите од угостителските објекти во стариот дел на градот.
Екипи на охридската полиција и градежни работници утрово се на лице место и се очекува наскоро да започне и акцијата. Неофицијално дознаваме дека станува збор за платформите пред угостителските објекти „Момир“ и „Ликвид“, а дел од сопствениците прифатиле сами да го започнат отстранувањето, со асистенција на градежните работници кои утрово пристигнаа на лице место.
Сопствениците на кафе барот „Аквариус“ неодамна самоиницијативно го започнаа отстранувањето на платформата.
Градоначалникот на Охрид д-р Константин Георгиески вчера истакна дека ако општината претходно постапувала така како што се постапува сега на секоја активност на дива градба да се пристапи кон отстранување по основ на решение, ќе немавме проблем со бесправно изградени објекти.
– Дел од угостителите почнаа сами да ги отстрануваат платформите. Сите тие добија решенија за извршување за вчера, им дадовме рок од три дена, ако не ги отстранат да ги отстраниме ние. Платформите ќе се отстрануваат целосно како на угостителските објекти така и на плажите, истакна вчера Георгиески. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес