Охрид, 3. јуни 2018 (ОХРИДПРЕС) – Денес ќе се изврши чинот на осветување на темелите на новиот конак во манастирот „Сите Светии“ во село Лешани, Општина Дебрца.
– Светиот чин на осветување на темелите на Монашкиот конак ќе го извршат Неговото Високопреосвештенство Митрополит Дебарско-Кичевски и Администратор Австралиско Сиднејски г. Тимотеј и Неговото Високопреосвештенство Митрополит Преспанско-Пелагониски и Администратор Австралиско Новозеландски г. Петар, во сослужение на старешината на Манастирот „Сите светии“, Јеромонах Вартоломеј Пројковски и клирот на Дебарско Кичевската Епархија. Светата Архиерејска Литургија ќе започне денес, во 09:00 часот, на денот на славата на манастирот, информираат организаторите.
Прославата се одржува во годината кога се бележи неповторливиот јубилеј 1.000 години од основањето на Охридска Архиепископија, водени од желбата за воскреснување на монашкото братство во манастирот „Сите Светии“ во село Лешани, Дебрца.
Манастирот „Си Свети“ („Сите Светии“), кај селото Лешани, во областа Долна Дебрца, охридско, е единствен во Македонија кој им е посветен на Сите Светии. Со решение на Централниот завод за заштита на културно-историските споменици и реткости на Македонија, манастирот е прогласен за културно-историски споменик на Република Македонија. Заводот за заштита на спомениците на културата и Музеј од Охрид во 2005/2006 година изврши делумни археолошки ископувања под раководство на археологот Паско Кузман. Манастирот е важен македонски просветно-културен центар. Првото ќелијно училиште во Дебрца било отворено во овој манастир, кое го посетувале деца од сите околни населби. Од тука зрачела и се ширела македонската национално-револуционерна мисла за ослободување на Македонија. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива