јули 3, 2018

Охрид, 3. јули 2018 (ОХРИДПРЕС) – Утре ќе се одржи електронското наддавање за закуп на дел од најатрактивните плажи на охридското крајбрежје.

Станува збор за петте најпосакувани плажи за стопанисување и тоа: Потпеш, Канео, Куба Либре, Кадмо и Бела Виста (Ambrosia). Во охридската јавност веќе се споменуваат повеќе звучни и помалку звучни имиња кои се заинтересирани да бидат новите закупци на овие супер-атрактивни локации на првата езерска линија. Дополнителен мотив за тоа е секако и ниската почетна цена на закуп од само 90 денари. Старите закупци се секако најзаинтересирани за да го продолжат закупот, но законската регулатива налага по истекот на договорениот закуп, локациите сепак да мора да одат на јавно наддавање, без право на првенство.

Законодавецот предвидува посебна постапка доколку на некоја од плажите дојде до смена на закупците, пред се` во делот на изградените објекти на плажата, а спорна е и формулацијата „враќање во првобитна состојба“, особено ако се има во предвид дека на дел се изградени и делови од камен, покриени и застаклени објекти, надворешните делови се хортикултурно уредени, поставена е соодветна надворешна и внатрешна опрема и слично.

– Предмет на електронското јавно наддавање е градежно земјиште, сопственост на Република Македонија, предвидено со Детален Урбанистички план за УЗ 1 Блок 1.2, Блок 1.4 и дел од Блок 3.4, донесен со одлука на Совет на општина Охрид бр. 07-6092/40 од 30.06.2014 годинасо намена Д3 спорт и рекреација – плажа, под краткотраен закуп со времетраење од 5 годиниУрбанистички проект за уредување на плажите на дел од Охридското крајбрежје – потег Студенчишта – Елешец 2002 година. Согласно член 32, став 3 на Законот за просторно и урбанистичко планирање („Сл. на Р.М, бр.4/96, 20/97,18/99 и 53/2001). Се дава согласност на овој урбанистички проект со тех.бр 02/02 од Мај 2002 година, стои во официјалната информација.

Право на учество на јавното наддавање имаат физички лица кои се државјани на Република Македонија, државјани на држави членки на Европската унија и на ОЕЦД, како и државјани на држави кои не се членки на Европската унија и на ОЕЦД, а под услови на реципроцитет можат да стекнат право на сопственост на градежно земјиште на територијата на Република Македонија. Можат да се наддаваат и сите правни лица, односно домашно правно лице, правно лице во мешовита сопственост, правно лице основано од странско физичко и правно лице, регистрирани во Централен регистер на Република Македонија, странски правни лица резиденти на држави членки на Европската унија и на ОЕЦД, како и странски правни лица резиденти на држави кои не се членки на европската унија и на ОЕЦД, а кои под услови на реципроцитет можат да стекнат право на сопственост на градежно земјиште на територијата на Република Македонија.

Јавното наддавање ќе се оддржи утре, среда, 4-ти јули 2018 година, електронски, на следната интернет страна www.gradezno-zemjiste.mk. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука