Охрид, 7. мај 2017 (ОХРИДПРЕС) – Од СВР Охрид во 2016 година регистрирале 1.564 казнени дела што претставува намалување за 16 проценти во однос на предминатата година, нагласи началникот на одделението за криминалистичка полиција во СВР Охрид, Игор Смилески.
СВР Охрид ефикасно и ефективно се справува со сите видови криминалитет и има зголемена ефикасност во откривањето на казнените дела на целото подрачје, додаваат од СВР Охрид. Денес се одбележува 7-ми мај, Денот на македонската полиција и денот на безбедноста.
СВР Охрид регистрира намален број на тешки кражби за 15 проценти и бележи зголемена откривачка функција на службата. Во сузбивањето на нарко криминалитетот, службата е ефикасна со откриени 81,5 килограми дрога марихуана за 2016 и околу 45 килограми до овој момент во 2017 година. На целото подрачје има стабилен јавен ред и мир и поволна состојба во сообраќајот. Како што дополнуваат од СВР Охрид, нагласен е акцентот на зголемување на активностите во заштита на имотот на граѓаните и во делот на сообраќајот во пресрет на летната туристичка сезона. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива