Охрид, 22. април 2022 (ОХРИДПРЕС) – Секоја година во април милиони луѓе ширум светот го одбележуваат Денот на Земјата.
Климатските промени повеќе не се некоја мисловна именка, туку се наша сурова реалност. Екстремно топли лета, поларни зими, невремиња од разурнувачки размери, поплави, суши, па дури и пандемиите, како таа со Covid-19, се само дел од пораките кои природата ни ги испраќа дека нешто не е во ред, односно дека е уништена хармонијата со која природата и човештвото живееле со години. Климатските промени не се ништо друго, освен одговор од природата за уништувачките дејствувања на човекот.
Претседателот на локалната канцеларија на „Часот на планетата Земја“ во Македонија, Ѓорги Селков за МИА истакна дека со оглед на тоа што планетата Земја, како наш заеднички дом, се соочува со двоен предизвик – климатски промени и опаѓање и уништување на биодиверзитетот, треба да дејствуваме во насоки на мобилизирање на поединците, бизнисите и владите да бидат дел од разговорот и решенијата потребни за да се изгради здрава и одржлива иднина за сите.
– Ја предизвикавме природата на двобој, без да размислуваме за последиците, а пред нејзината моќ и боговите молчат, нагласува Селков.
За жал, како што додава тој, експертите и бројките велат дека враќање назад нема, но доколку дејствуваме сега, можеме да го зачуваме тоа што е останато и да се фокусираме како да го поправиме она што е веќе уништено.
Првпат Светскиот ден на планетата Земја е одбележан на 22-ри април 1970-та година во САД, а од 1992 година и во целиот свет. Денес го одбележуваат повеќе од 175 држави. Целта на одбележувањето на „Денот на планетата Земја“ е да се подигне нивото на свесност кај нејзините жители за зачувување на животната средина, односно да укаже на загадувањето на воздухот и водата, радиоактивното зрачење, исцрпувањето на ненадоместливите енергенси и слично. (Крај)
извор: МИА/OhridPress фото: архива