Скопје, 30. март 2017 (ОХРИДПРЕС) – На 8 април, со „Претстава со четири актери, неколку свињи…“ на истакнатиот косовски режисер Блерта Незирај, ќе биде отворено 10-то јубилејно издание на интернационалниот театарски фестивал „Лица без маски“.
Претставата која е работена според текстот на истакнатиот косовски писател и драматург Јетон Незирај, а во изведба на независната продукција „Кендра Мултимедија“ на ироничен начин третира актуелна политичка тема, за излегувањето на Велика Британија од Европската унија и апетитите на Косово за влез во организацијата. На исклучително духовит начин, преполн со сатирични досетки на прагот од кафканијанската безнадежност, четири месари се обиудуваат да исполнат многу од правилата на ЕУ, со цел Косово да влезе во големото европско семејство. Претставата го третира и иронизира прашањето за бирократизираната Европа, конфузниот свет на правилата и прописите, во стилот на Орвелианското промислување на светот.
Токму орвелијанскиот свет е присутен на годинешната програма на фестивалот „Лица без маски“. Покрај косовската претстава, на програмата годинава е и претставата „Фармата“ работена според култниот роман на Џ. Орвел, во изведба на италијанскиот театар „Софиа Амендолеа“, а тука се и гостите од Русија, „32. Физички театар“, кои годинава ќе настапат со претставата „Ноќта на огнот“, бугарската веќе хит претстава „Се` на масата“ , од Ч. Буковски, а во режија на Ана Батева, кои исто така ги третираат актуелните општествени околности на глобално ниво.
По повод јубилејот, годинава покрај интернационалната програма на наше огромно задоволство имаме и македонска независна продкуција која кореспондира со начелата на независниот и алтернативен театар.
Македонската публика ќе има можност да ги проследи и претставите: „Да ми го поздравиш и бациш“, во режија на Билјана Радиноска, а во изведба на независниот театар „Артопиа“, „Скршена стомна“ на Софија Ристевска и „Интимен театар“ од Битола и комедијата „Прво ќе ме земеш, после ќе ме…“ на Ѓорѓи Ризески, во изведба на независниот „Крик“ театар од Скопје.
Како и во изминатите години, така и на 10 јубилејно издание, претставите ќе ги оценува три члено жири кое ќе треба да ги додели наградите за: Најдобра претстава во целина, најдобра режија и Најдобро актерско остварување. По повод јубилејот, организацијата на фестивалот ќе организира и дополнителна придружна програма на работилници и музички концерти. Фестивалот ќе се одржува на сцените на: Драмскиот театар, Театар Комедија, Дом на АРМ и „Малата сцена“ при Ј.У. Конгресен центар „Александар Македонски“ од Скопје. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива