Охрид, 17. февруари 2020 (ОХРИДПРЕС) – Денес се навршуваат полни десет години, откако, по неколку месеци пробен период, порталот OhridPress и официјално започна со работа.
Имавме неколку редизајни и подобрувања во техничкиот дел, поминавме добри, но и тешки периоди, но секогаш се држевме до нашиот слоган „Брзо, точно, проверено – Се` за Охрид“.
Полни 3.650 дена информираме, коментираме, забавуваме. Годиниве наназад, Ви ги носевме најновите вести од Охрид, спортот, забавата, им дававме можност да се искажат во колумни на луѓе на кои во тоа време не им даваа буква да напишат во „046 за Охрид се зборува“ (дел од нов деновиве имаат сериозна амнезија по ова прашање), конструктивно ги критикувавме првите, но редовно кога беа најсилни, никогаш кога беа „мртви Германци“, интервјуиравме и промовиравме интересни луѓе – музичари, спортисти, млади кои се истакнале во било која област, ги баравме талентите во OhridSUPERSTAR, ѕирнувавме во ноќниот живот во Охрид, доделивме илјадници награди, поделивме многу насмевки, Ви го подаривме проектот „Од 20-ти до 20-ти СИТЕ ВО ОХРИД“ кој постави нови стандарди во забавата, но и во PR-от на овие простори и многу пошироко, го сликавме нашиот „Охрид во 10“ од една точка цела година со целата негова убавина и големина, Ве повикавме да ја прогласиме заедно омилената дупка по охридските улици во рамките на „Твојата дупка звучи познато“, но и најоштетениот лежечки полицаец во Охрид, Ве забавувавме со „вестите“ на охридската „легенда“ Керим, ја инициравме акцијата „Помалку автомобили, помалку гужва“ со која ги повикавме охриѓани колку што е можно помалку да ги користат автомобилите во центарот на градот во текот на летото, подарувавме комплетни рекламни пакети за компаниите на кои тоа им е најпотребно, пред тоа да биде IN, заедно со над 1.200 наши сограѓани ја подигнувавме свеста за екологијата и чистата животна средина во „Мој Охрид, чист Охрид“, го поставивме Бројчаникот на UNESCO за УМ на оние на кои им е тоа работа, ги поддржувавме ретките болести, најмладите и образованието за кои имаме и посебна рубрика за образование, помагавме да се соберат средства секаде каде тоа беше потребно за некои мали ангели… Има уште многу вакви акции ако се навраќаме наназад, но она што е поважно е она што е пред нас.
Чекориме заедно понатаму. Наскоро ќе имаме многу новитети и остануваме медиум кој е комплетно прилагоден на новото време, новите можности, технологии и побарувања на модерниот читател. Над 13.000 читатели секојдневно ги следат новитетите од Охрид на нашиот профил на Facebook, сите уникатни, без купени кликови и лажни вести…
Продолжуваме „Брзо, точно, проверено, Се` за Охрид“.
Секогаш свои, секогаш Ваши, никогаш нивни.
Ваш OhridPress…