Дебрца, 3. август 2023 (ОХРИДПРЕС) – Десет познати уметници ќе бидат дел од годинашната 38-ма по ред Меѓународна ликовна колонија „Дебрца 2023“, најстарата манифестација од тој вид во земјата.
Уметниците Јордан Манасиески од Охрид, Ставре Димитров Стадим, Запро Запров, Војдан Запров и Натали Николоска од Скопје, Андреј Антевски од Куманово, како и Леетив Намдаг Жанчивин – мистер Ли од Монголија, Петар Бељашки и Велислава Пожгорска од Бугарија и Светлана Солодова – Русија во периодот од 5-ти до 13-ти август ќе творат во чест на основоположникот на Колонијата, неодамна починатиот педагог и ликовен уметник, Ѓорѓија Целески.
Манифестациајта ќе биде отворена во сабота од 19:30 часот, во уметничката галерија во село Белчишта, што беше отворена во 1985, а обновена во 2005 година.
Интернационалната уметничка колонија „Дебрца“ има најбогат фонд уметнички дела во земјава, со над 700 ликовни дела од врвни уметници од Македонија и светот, што претставува непроценливо македонско и светско културно наследство. (Крај)
извор: Опсервер фото: архива