јануари 3, 2017

Охрид, 3. јануари 2017 (ОХРИДПРЕС) – Децата правобранители во О.У. „Братство Единство” и С.С.О.У. „Свети Кирил и Методиј” во Охрид продолжија со имплементација на активностите во рамките на проектот за спроведување на Конвенцијата за правата на детето во Република Македонија, кој се реализира веќе седум години во континуитет.

Децата правобранители и членовите на Ученичката заедница во О.У. „Братство Единство” изработија разнобојни постери со сегменти од детските права, преведени на македонски, на албански и на турски Јазик. Постерите беа поставени во училниците, и во училишните ходници. Исто така, во фаза на изработка се три колоритни примероци од Конвенцијата за правата на детето, по еден примерок на секој наставен јазик, кои ќе бидат претставени пред учениците, наставниците и пред Советите на родители.

Што се однесува до средното економско училиште, децата правобранители и Ученичката заедница изработија постери со мотиви недискриминација, почитување на различните мислења, против говор на омраза и заштита на детските права. Тие изработија и брошури за значењето на слободата на изразување, а кон кракот на 2016 учествуваа и на средба со Заменикот Народен Правобранител на Република Македонија, госпоѓата Васка Бајрамовска – Мустафа.

Проектните активности на учениците ќе продолжат и во текот на наредното полугодие, во согласност со годишните програми за работа на Ученичките заедници.

Проектот за имплементација на Конвенцијата за правата на детето во Република македонија, освен во Охрид, се одвива и во Струга, Битола, Прилеп, Дебар, Тетово, Гостивар, Штип, Кавадарци и Куманово, под покровителство на Швајцарската фондација “Pestalozzi” и Коалицијата на младински организации, “СЕГА”. Имплементатор на активностите во нашата општина е невладината организација, Младински Совет. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука