Дебар/Охрид, 15. јуни 2024 (ОХРИДПРЕС) – Пред преполна сала, во Центарот за култура во Дебар, се одржа јубилејното 15-то издание на фестивалот на детски забавни песни „Радика-Фест 2024“.
Најпрво присутните ги поздрави, а на учесниците им посака многу успех Зинче Мимидиноски, директор на фестивалот, благодарение на чија неуморна работа и ангажираност а на радост на децата од поширокиот регион, живее оваа културна манифестација. На фестивалот настапија околу 40 деца од Дебар, Центар Жупа, Ростуше-Маврово, Струга и Охрид кои изведоа 16 нови авторски композиции.
Стручното жири во состав Меџит Муслиовски, Емин Мемишоски, Неџат Мимидиноски, Филип Василевски и Алберт Салиу доделија награди за најдобар вокал, најдобар сценски настап, награда од публиката, награда за најдобар дебитант, за најдобар дует, бест талент и бест хит. Победник на фестивалот на детски забавни песни на македонски јазик „Радика-Фест 2024“ е Мелда Кадри од Дебар која ја испеа прекрасната песничката „Рок ен Рол“. Нејзиниот магичен настап со прекрасна интерпретација и уште поубавиот сценски настап ги воодушеви присутните посетители.
Наградата од публиката ја освои Надија Нурединоска од село Долно Косоврасти, наградата за најдобар вокал Елина Смајлоска од Боровец, најдобар сценски настап имаше Ада Кадриоска од Струга, за најдобар дебитант беше прогласена Берна Фејзули од Ростуше, општина Маврово и Ростуше, наградата Бест талент ја доби Бида Оручоска, додека наградата за Бест хит ја освои Нела Беќировска. (Крај)
извор: МИА фото: МИА