Охрид, 27. ноември 2024 (ОХРИДПРЕС) – Во Охрид има 16 засолништа од кои едно е неизградено со капацитет за само 2.000 луѓе, информираат за Супер радио и OhridPress од Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) на Република Македонија.
– Од нив, најголемиот дел се со блоковско сопствеништво, дел се фабричко, а дел се од ДЗС. Најголемиот дел, една третина се на Булевар „Туристичка“, а ги има и на улицата „Македонски просветители“, „15-ти корпус“, „Сирма Војвода“, „Гоце Делчев“, „Пере Тошев“, „Стив Наумов“, „Никола Карев“, Ѓорче Петров“ и „Мирче Ацев“, додаваат од Дирекцијата, без да одговорат на прашањето за состојбата во која се наоѓаат истите во моментов.
Во време кога во светот се водат воени дејствија на повеќе локации, а последните случувања во Украина имаат потенцијал за да прераснат во глобален конфликт, се’ погласни се предупредувањата и акциите во бројни современи западни земји да се санираат засолништата кои се наследство од едно друго време, кое се надевавме дека сме го оставиле зад нас. Во Охрид ги има на 16 локации, а Република Македонија, како дел од поранешната држава, Југославија, беа во системот кој предвидуваше бројни правила и активности за заштита на населението од секакви непогоди и војни. Градежната регулатива и ЈУС стандардите опфаќаа посебни правила за градење, квалитет на истото, но и скривници, кои беа една од точките за добивање на потребните дозволи.
Состојбата денес е сосема друга. Само дел од над сто скривници во земјава се подготвени за користење во вонредна ситуација. Поголемиот број од засолништата се запуштени, дел се издадени за користење, а во голем дел од нив влегуваат само бездомници или зависници од дрога. Со децении наназад нема организирани акции за чистење, а често се мета и на крадци, кои ги вадат железните врати, но и се’ останато што може да се препродаде. Со скривалиштата во земјава стопанисува Дирекцијата за заштита и спасување, а до пред 19 години, тие беа под Министерството за одбрана. Со одлука на Владата на Република Македонија од 2005 година дел од засолништата се доделени на Дирекцијата за заштита и спасување на трајно користење. Дел од засолништата во Скопје и Велес се реновирани, а другите се во постапка, која зависи од буџетот на министерството.
Состојбата со скривниците стана актуелна деновиве, откако светот повторно е на раб на војна. Скривниците се наменети за засолнување на граѓаните во случај на воени дејства или нуклеарен напад. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес