февруари 20, 2015

Охрид, 20. февруари 2015 (ОХРИДПРЕС) – Дивоизградени викендички, куќи, угостителски објекти и други градби изградени во заштитен крајбрежен појас на природни и вештачки езера и речни корита, ќе можат да се легализираат без мислење од Министерството за животна средина и само со изјава на нотар од страна на сопственикот дека нема да бара оштета во случај на поплави.

Ова го предвидуваат последните измени на Законот за постапување со бесправно изградени објекти на кои работи Министерството за транспорт и врски. Од Министерството за животна средина се уште не е побарано мислење за предложените измени. Екологистите, пак, се загрижени што од целата процедура околу тоа колку овие објекти ја загрозуваат животната средина се иззема министерството за животна средина, јави +инфо.

– За објектите кои се изградени во заштитен крајбрежен појас на природни и вештачки езера и речни корита да не се бара мислење од Министерството за животна средина и просторно планирање, а за истите да се утврди правен статус доколку ги исполнат останатите законски услови, со тоа што ќе бидат запишани во имотен лист со утврдено право на сопственост, но нема да бидат вклопени во идната планска документација. Ништовни се и досега дадените негативни мислења од стана на Министерството за животна средина, стои во текстот на новиот предлог за измени на Законот за постапување со бесправно изградени објекти.

Услов да се легализира објектот е сопственикот да даде изјава на нотар со која се согласува да не бара оштета од државата ако објектот биде поплавен.

– Доколку е поднесено барање за утврдување на правен статус на бесправен објект кој е изграден во заштитен крајбрежен појас на природни и вештачки езера и речни корита, барателот е должен покрај другите документи да достави и изјава заверена на нотар, дадена под материјална и кривична одговорност, со која ќе потврди дека е согласен да се утврди правен статус на бесправниот објект на негова одговорност и нема да бара надомест на штета од надлежен орган при настанување на евентуална штета поради елементарна непогода, стои во предложените измени на законот.

Иако предлага нови измени на Законот за легализација на дивоградби, Министерството за транспорт нема податок за колкав број објекти станува збор.

Предлагачот, сепак проценил дека овие објекти немаат никакви влијание врз животната средина и тоа го стави во предложените измени, иако пред тоа Министерството за животна средина за голем број од објектите даде негативно мислење.

Екологистите со став дека со изземањето на мислењето што треба да го даде Министерството за животна средина се иззема цела една процедура и институции кои треба да работат на заштита на животната средина и се работи на нејзина штета.

– Нелогично е кога се работи за еден толку важен ресурс водите на кој меѓународните институции ставаат посебен акцент и ние успеавме да потпишеме одредени документи, да се изземе министерството ,кое се грижи за заштита на водите, е дрзок чин. Ако сега се дозволува легализација на овие објекти на заштитна зона од 50 метри од брегот, тогаш наредно што ќе го добиеме е вакви објекти да се дозволи да се градат и во строгата заштитна зона за извори за водоснабдување. Изземањето на една од најважните институции која треба да се грижи за животната средина, значи дека од вакви постапки во наредниот период ќе бидат изземени и граѓаните и ќе им се одземе можноста да реагираат кога им се узурпира животната средина, вели Александра Бујаровска од еколошкото здружение „Фронт 21/42“.

Има куп такви објекти вели таа, во заштитените зони на скоро сите природни и вештачки езера. Доминираат на Охридското Езеро, но ги има и покрај речните корита, но и во рамки на заштитени подрачја во националните паркови. (Крај)

извор: Плусинфо фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука