Охрид, 9. мај 2024 (ОХРИДПРЕС) – Од Државната изборна комисија (ДИК) ги соопштија резултатите на претседателските избори, по обработени 99,09% од податоците, кои покажуваат дека кандидатката на коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ Гордана Силјановска- Давкова е новиот претседател на Република Македонија.
Таа во вториот круг од вчерашните, седми по ред претседателски избори освои 560.170 (65,14%) од гласовите со предност од 308.629 гласови пред Стево Пендаровски од коалицијата предводена од СДСМ, кој освои 251.541 (29,25%) гласови.
Граѓаните денеска покажаа граѓански имунитет и отпорност пред притисоците и се одважија да излезат стамено, достоинствено и стоички да го дадат гласот за оној кандидат за кој тие сакаат, рече кандидатката Сиљановска Давкова во првото обраќање до граѓаните.
– Во политиката мора да оставите простор за идниот ден. Ако не ги мерите зборовите тогаш утре тешко ќе влезете во дијалог. Кај нас срамот одамна го нема и едвај ги чекам оценките за изборите затоа што ниту едни избори досега не биле оценети како фер и демократски туку како добро и ефикасно спроведени, рече Сиљановска Давкова.
Во идниот состав на Собранието 120 те пратеници ќе бидат од четири коалиции и две политички партии. Најголем број на гласови освои коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ 431.251 или 43,23% од гласовите.
Коалицијата предводена од СДСМ освои 153.250 гласа или 15,36% од гласовите, коалицијата предводена од ДУИ освои 137.486 гласови или 13,78%, Коалицијата „Вреди“ освои 106.991 гласови или 10,72%, партијата „Левица“ освои 67.338 гласови или 6,75% и движењето „ЗНАМ“ освои 55.539 глас или 5,57% од гласовите на граѓаните кои го остварија своето право на глас.
Во мандати, ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „Твоја Макдонија“ освои 58 мандати, Коалицијата „Европски Фронт“ освои 19, Коалицијата „За Европска иднина“ на СДСМ освои 18, Коалицијата „Влен“ свои 13 и партијата Левица и Движењето ЗНАМ – За Наша Македонија освоија по 6 пратенички мандати.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ упати порака и до членството и до идните функционери да имаат одговорност пред гласачите.
– Народот покажа дека ничија свеќа не гори до зори и порано или подоцна следува одговорност. Да го запомниме тоа затоа што од судот на народот никој не избегал, како ни од судот на Бога. Не ги заборавјте овие луѓе, оставете бел образ, бидете одговорни и чесни, рече Мицкоски.
Претседателот на на СДСМ, Димитар Ковачевски го призна поразот и на сите граѓани им честита и им се заблагодари за успешниот изборен ден.
– Македонија имаше фер и слободни избори согласно европските стандарди и тоа е огромен исчекор кој е резултат на атмосферата на слободата на медиумите и на мирот и стабилноста која ја воспоставивме во изминатите години. СДСМ повторно покажа одговорност и државотворност, заедо со Коалицијата ќе бидеме одговорна, силна, принципиелна и државничка опозиција, процесот на внатрешна обнова мора да е на сите нивоа, порача Ковачевски.
Од ДИК соопштија дека рокот за поднесување на приговори е до 10-ти мај 2024 година, до 23.30 часот. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива