Скопје, 25. март 2024 (ОХРИДПРЕС) – Државната изборна комисија (ДИК) денеска напладне ќе изврши ждрепка за утврдување на редоследот во единствената листа на кандидати за претседател на државата, а потоа ќе следи и ждрепка за распределба на рекламните паноа и билборди.
Во трка за прв човек на државата се седум кандидати, Стево Пендаровски поддржан од СДСМ и коалицијата, Гордана Силјановска- Давкова поддржана од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, Максим Димитриевски од ЗНАМ, Билјана Ванковска поддржана од Левица, Бујар Османи од ДУИ, Стевчо Јакимовски од ГРОМ и Арбен Таравари поддржан од коалицијата „Вреди“.
Учесниците на двојните избори за претседател на 24-ти април и за пратеници на 8-ми мај периодов ги интензивираат активностите. Најголемите политички партии викендов ги презентираа програмите за парламентарните избори, а дел и носителите на листите за пратеници, како и претседателските кандидати.
Роковите за изборните дејствија течат, донесени се одлуки за едукација на изборните органи. Најдоцна до 2-ри април до ДИК треба да бидат доставени и кандидатските листи за пратеници, а на 4-ти април започнува кампањата за претседателските избори.
Канцеларијата на ОБСЕ за демократски институции и човекови права (ОДИХР) ја отвори набљудувачката мисија во Македонија и ова ќе бидат 22-ри избори што ОДИХР ќе ги набљудува. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес