јануари 22, 2020

Скопје, 22. јануари 2020 (ОХРИДПРЕС) – Македонската Влада донесе одлука за раскинување на договорот за концесија за Охридското Езеро со концесионерот „Летница-Белвица“.

Причината за оваа одлука е поради утврдените нерегуларности од страна на надлежните институции во работата на сегашниот концесионер.

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Трајан Димковски, денеска во Охрид изјави дека по низата реакции од медиумите, граѓаните и рибарите, МЗШВ во декември минатата година, веднаш побара од Државниот инспекторат за земјоделство и од Агенцијата за храна и ветеринарство да направат вонредни инспекциски контроли.

Директорот на Државниот инспекторат за земјоделство, Зоран Шапуриќ посочи дека веднаш се постапило и спровеле сите контролите на терен, со цел да се утврди дали концесионерот го почитува Договорот за концесија.

Димковски потенцираше дека во записникот од ДИЗ е констатирано дека Концесионерот не вршел навремена и целосна физичка заштита на рибите од риболовното подрачје Охридско Езеро, што е спротивно на Договорот за концесија.

– Во записникот се констатирани нерегуларности и во делот на пријавувањето на вработените и постапките за вработувања, коишто концесионерот ги спроведувал спротивно на Законот за рибарство и аквакултура. Концесионерот не водел точна, навремена и целосна евиденција на уловената риба согласно законските одредби, што исто така е спротивно на Договорот за концесија. Нашите политики и мерки се насочени кон заштита на езерата и рибниот фонд, нема да дозволиме некој да го злоупотребува ова наше природно богатство. Институциите ќе продолжат да работат во интерес на граѓаните, согласно законите, изјави министерот Димковски.

Откако ќе заврши постапката за раскинување на концесијата, МЗШВ ќе објави нов јавен повик за доделување на концесија за Охридското Езеро.

При тоа министерот Димковски потсети дека во декември минатата година исто така до МЗШВ е стигнат допис и од Министерството за внатрешни работи – Регионален центар за гранични работи „Запад-Охрид“. Во него се посочува дека постои отсуство на преземени активности од страна на концесионерот на Охридското Езеро „Летница-Белвица“, во делот на контролите за откривање и спречување на криминал. И за овој записник согласно надлежностите, МЗШВ веднаш ги извести Државниот инспекторат за земјоделство, Пазарниот и Трудовиот инспекторат, како и Агенцијата за храна и ветеринарство, за да се извршат вонредни инспекциски контроли на терен. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука