Скопје, 24. февруари 2015 (ОХРИДПРЕС) – Директорката на Фондот за здравстевно осигурување, Маја Парнарџиева – Змејкова, си поднесе оставка од функцијата, поради, како што рече, лични, човечки причини.
– Денес објавувам дека од човечки причини се повлекувам од функцијата директор на фондот. Чекав да се добијат резултатите од судска медицина, за да се констатира причината за смртта, и да се види вистината за овој случај, кој заради се што се случи и пеколот низ кој поминувавме, но и напорите кои претходно ги правевме, а дел од јавноста не ги вреднуваше, сепак целиот мој живот ќе го носам со себе и покрај тоа што сум свесна дека се што можевме, се сторивме, буквално се. Уште еднаш ќе кажам, го разбирам гневот на луѓето, и јас бев гневна, бев буквално срозена. Ве молам овој и вакви случаи да не се политизираат, навистина нема нешто поболно од тоа да се гледа низ призма на политика на ова. Никој не сака вакви работи да се случуваат. Никој. И не е добро да се злоупотребуваат вакви моменти. На семејството им е најтешко и никој не ни може да ја претпостави нивната болка и нивниот гнев, и без разлика на исходов, нивната болка, но и нашата, на сите нас што сме некако инволвирани во ова, ќе продолжи. Длабоко жалам, рече Парнарџиева – Змејкова, јави Макфакс.
Според неа, сите процедури за случајот на малата Тамара биле испочитувани во врска со работата на Фондот за здравство, а рече дека само чекала да стигне и обдукцискиот наод, па да ја соопшти својата одлука.
Инаку, според извештајот од извршената обдукција на телото на починатата Тамара Димовска од Велес, кој во понеделник вечер бил доставен до Државниот санитарен и здравствен инспекторат, по службено барање од инспекторатот, стои дека директна причина за смртта на малата Тамара е бронхопневмонија (акутно воспаление на респираторните органи).
Овој извештај предизвика реакции во јавноста, напрво затоа што за вторник беше закажан протест во кој се бара оставка од министерот за здравство Никола Тодоров, а второ затоа што со ваков извештај вината за смртта се префрла на родителите, кои не го однесле девојчето налекар, туку го чувале дома.
Тамара Димовска имаше големо искривување на `рбетот и чекаше одобрување операција во странство на товар на Фондот, но одлуката задоцни. Стигна на денот кога девојчето почина. (Крај)
извор: Макфакс фото: архива