Скопје/Охрид, 17. јануари 2017 (ОХРИДПРЕС) – Дирекцијата за заштита на личните податоци врз основа на поднесени претставки на граѓани, предупредува на строга заштита на личните податоци.
– Само во изминатата недела во Дирекцијата за заштита на личните податоци пристигнаа повеќе иницијативи за вршење инспекциски надзор врз медиуми, односно онлајн портали за информирање, заради утврдување на прекршувања на Законот за заштита на личните податоци. Една од надлежностите на Дирекцијата за заштита на личните податоци согласно Законот за заштита на личните податоци е да развива политики и да дава насоки во врска со заштитата на личните податоци, информираат од дирекцијата.
Согласно Член 9 од Законот за заштита на личните податоци: „Матичниот број на граѓанинот може да се обработува само: – по претходна изречна согласност на субјектот на лични податоци; – за остварување на со закон утврдени права или обврски на субјектот на лични податоци или контролорот и – во други случаи утврдени со закон.
Од дирекцијата потсетуваат дека контролорот е должен да води сметка матичниот број на граѓанинот да не биде непотребно видлив, печатен или преземен од збирка на лични податоци.
Дирекцијата им укажува на сите онлајн портали и печатени медиуми дека е потребно да иницираат бришење на личните податоци, односно минимизирање на обемот на личните податоци кои се објавуваат согласно целта која треба да се исполни при објавата, со цел правично, соодветно, релевантно и не преобемно утврдување на категориите на лични податоци (презиме, име, адреса на живеење (населено место и улица), податок за своерачно потпишување) на граѓаните (субјекти на лични податоци). (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива