Доаѓа Св. Никола, најчестата слава во македонските домови, заштитникот на патниците
декември 15, 2024

Охрид, 15. декември 2024 (ОХРИДПРЕС) – Православните верници во Република Македонија, во четврток, на 19-ти декември 2024 година, ќе ја прослават најчестата слава во македонските домови, Свети Никола.

Од народните верувања се вели Св. Никола имал бела брада, како предзнак за снег. Се слави како заштитник на патниците, посебно на оние што патуваат по вода, но и по тоа што како за време на животот, така и по смртта ги помагал сиромасите, ги заштитувал затворениците и неправедно осудените, ги откупувал робовите и ги пуштал на слобода.

Именден празнуваат: Никола, Нино, Николина, Коле… Свети Никола е посна слава на која на трпезите доминираат посните сарми и гравче, како и риба.

Во животот на нашиот човек посебно значајно место има свети Никола Мирликиски-Чудотворец, кого многу семејства го сметаат за свој домашен заштитник и со домашни служби и со многу обичаи го празнуваат неговиот спомен. Иако повеќе се празнува денот на неговата упокојување 19/6 декември, (празник познат како зимски Св. Никола или Св. Никола зимен), сепак внимание му се посветува и на денот на пренесувањето на моштите на Св. Никола од Мир (во Ликија) во Бари (Италија) на 22/9 мај, (празник меѓу народот познат како летен Св. Никола, или Св. Никола летен).

Овој важен лик од христијанската религија е роден кон крајот на III век во гратчето Патара во малоазиската област Ликија. Уште како дете се истакнувал со добро воспитание поради што станал омилен и пред Бога и пред луѓето. Неговиот чичко кој исто така се викал Николај и кој бил архиепископ патарски, согледвајќи ги позитивните карактеристики на младиот Николај ги наговорил родителите да му дозволат да се посвети на Бога и го произвел во чин презвитер. За време на ракоположението епископот исполнет со пророчки дих во еден момент покажувајќи на младиот Николај извикал: „Браќа, јас го гледам новото сонце што изгрева над земјата и ветува утеха на сите потиштени. Блажено е стадото што ќе го има за пастир, зашто тој ќе ги приведе кон вистината заблудените овци, ќе ги пасе на пасиштето на благочестието и ќе биде помошник на сите страдалници”. Ова пророштво на стрикото Николај се исполнило, зашто младиот Николај подоцна навистина станал заштитник на сиромасите, но и помошник на сите што со верба му се обраќале. По смртта на стрико му кој бил архиепископ свештениците од областа Ликија барале негова замена, но сите се увериле дека немале подобар од младиот Николај и го избрале за архиепископ Мирликијски. Како архиепископ Николај бил омилен меѓу народот, зашто секогаш ги помагал сиромашните, ги посетувал болните, ги штител затворениците и неправедно осудените, младите ги советувал, грешните ги упатувал на вистинскиот пат, робовите ги откупувал и ги пуштал на слобода, на ситомашните девојки им купувал мираз за да се омажат итн.

News from Ohrid, Vesti od Ohrid, Ohrid news. Вести од Охрид, Новости Охрид, Информации од Охрид 24 часа - Брзо, точно, проверено...

Житието раскажува дека во тоа време во градот Патара живеел некој човек кој што ненадејно го изгубил богатството и бидејќи не бил способен да се бори во животот бил решен и со нечесни средства да остварува средства за живот. Имал намера да ја жртвува дури и честа на своите три ќерки но во тоа го спасил Св. Никола кој ноќно време низ прозорецот му дофрлувал пари. Со тие пари таткото ги омажил и трите ќерки, а кога разбрал кој му го дава богатството паднал пред нозете на Никола и со солзи во очите му благодарил со зборовите: „Ако не беше те пратил Господ да не спасиш, јас не можев да одолеам на искушенијата, ќе паднев во грев и ќе ја жртвував честа на моите ќерки.”

Кога за време на владеењето на царот Диолкецијан станале големи прогони на христијаните и Николај бил затворен и подолго време останал во темница. Но кога царот Константин го признал христијанството и кога ги ослободил сите затворени христијани и Николај бил ослободен и повторно се вратил на архиепископскиот трон. Учествувал и на Првиот веселенски собор во Никеја во 325 година каде што удирајќи му шлаканица го посрамотил еретикот Арие, кој се одделил од христијанството и проповедал друго учење.

По пронаоѓањето на светиот крст од страна на царицата Елена многу луѓе тргнале да ги посетуваат светите места. И архиепископот Николај тргнал на вакво патување, на кое се случиле многу чудни настани. Житието раскажува дека додека патувале по морето Николај претскажал големо невреме, но морнарите познавајќи ги метереолошките услови го исмевале велејќи му да не зборува за работи што не му се познати. Но кога набргу навистина фатило страшно невреме, кога се кренале големи бранови и кога сите очекувале несреќа Николај се помолил на Господа и бурата престанала. Вакви настани за време на животот на Николај се случиле повеќе, а тој и по смртта продолжил да ги заштитува патниците, посебно оние што патувале по вода.

И во прозните народни умотворби еднаш се раскажува како Св. Никола ги помага сиромасите, друг пат како добил два празника во годината. Така на пример, во една приказна запишана од ѓаконот Јосиф, од манастирот Пречиста Кичевска, објавена во цариградскиот весник „Новини“ кон крајот на минатиот век, се раскажува дека едно време другите светци му завиделе на Св. Никола затоа што многу бил почитуван и се поплакале на Бога. Бог ја примил поплаката и веднаш испратил два ангела да го повикаат св. Никола. Тие откако не го нашле по небото и по земјата го здогледале во стреде море како крепи една гемија готова да потоне. Му ја пренесле заповедта, а тој ги замолил да му помогнат да ја извадат ѓемијата на суво. Виделе-не виделе ангелите му помогнале, а потоа така накиснат и со искинати алишта го одвеле пред Господа. Тука во тој момент биле собрани и сите светци што се оплакувале на него. Господ само ги погледнал и ништо не рекол, а тие од погледот разбрале дека ако сакаат да бидат почитувани како свети Никола треба да прават добри дела како што правел тој. Тогаш, се вели во оваа приказна, Господ заповедал за сите светци да има по еден ден во годината, за свети Никола два, а за преподобниот Касијан кој најмногу го кодошел на четири години еднаш да му се празнува денот на 29-ти февруари.

Истражувачите на народниот живот истакнуваат дека многу елементи од обичаите и верувањата поврзани со Св. Никола водат потекло од претхристијанско време, но дека се задржани сите обреди, обичаи, жртвувања, и сл. кои биле поврзани со некогашниот претхристјански јунак на морињата, водите и ветровите. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука