октомври 14, 2021

Скопје, 14. октомври 2021 (ОХРИДПРЕС) – На предлог на Комисијата за заразни болести Владата донесе заклучок за измена на Протоколот за организирање настани во затворен простор (театри, кина, филхармонија и други) со кои наместо досегашниот дозволен процент на исполнетост на салите за организирање настан во овие простори до 30%, се зголемува со присуство на публика до 50% од капацитетот на салата.

Посетителите ќе треба да бидат вакцинирани со две дози со вакцина против COVID-19, a обврска на организаторот и натаму ќе биде да ги спроведува и контролира сите останати препорачани превентивни мерки за спречување на ширење на вирусот и да организира редарска служба за контрола на мерките.

Владата го прифати и барањето на Агенцијата за млади и спорт да се дозволи организирање и учество на натпревари во сите спортски дисциплини во категориите пионери, младинци и кадети без приложен сертификат за вакцинација, со заклучок дека останува препораката да се вакцинираат сите за кои е одобрена вакцинацијата, вклучувајќи ги и децата и младинците од 12 годишна возраст натаму.

Децата со посебни потреби или со пречки во развојот, можат да бидат ослободени од обврската за задолжително носење маска во училиштата доколку приложат лекарска потврда за нивната состојба.

Како одговор на барањето на Државната изборна комисија, ќе бидат обезбедени потребните количини дезинфекциони средства во изборните единици за претстојните локални избори.

На последната седница Владата ја разгледа информацијата на Агенцијата за млади и спорт за потребата од основање самостојна независна Агенција за анти-допинг на Република Македонија. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука