Домашна слава – македонска традиција и закрилник на целото семејство
декември 19, 2024

Скопје/Охрид, 19. декември 2024 (ОХРИДПРЕС) – Што е домашна, слава, а што именден? Како се празнува? Од кога домашните слави се практикуваат во православната црква? Сите овие прашања стануваат актуелни во периодот кога верниците се собираат околу домашната трпеза за големите празнични денови.

Секој верник има различен приод во изборот кој светител ќе го земе за свој закрилник, за домашен празник-слава. Некои го земаат оној светител, чие име го носат. Но, некогаш за домашна слава се зема и кога денот на крштението се совпаѓа со денот на празникот, затоа што крштението во православната црква е духовно раѓање, па, наместо роденденот, христијанинот го слави духовното раѓање, односно духовниот роденден, и затоа ќе го земе за свој покровител светителот што е на тој ден.

– Може да се празнува името на светителот кому му е посветен храмот или некој манастир во близината каде што живееме, а може да се земе за домашен празник тој светител, кому некој од нашите предци му изградил храм, па тоа останало во семејно наследство. Најпосле, некој може да го земе за семеен заштитник и домашен празник светителот или светителката што во одреден момент од животот очигледно му помогнале, односно го излекувале, го спасиле од несреќа, го предупредиле за некоја несреќна случка, објаснуваат теолозите.

Професорот Ратмомир Грозданоски во своите теолошки толкувања на верата пишува дека историјата на домашни слави во Македонија има долги корени.

– За празнувањето домашен празник, именуван како крсно име или крсна слава или именден, кај нашиот македонски народ е запишано уште во 1018 година, непосредно по пропаѓањето на царството на Самуил. Тоа е прв запишан случај на одбележување домашен празник кај словенските народи. Празнувањето се случило во градот Девол, кој денес не постои. Тој град се наоѓал јужно од Охрид. Еден наш војсководец, Македонец, по име Ивец, празникот Успение на Пресвета Богородица, Голема Богородица (на 28 август, по нов календар), го празнувал како своја домашна слава или крсно име, како што стои во записите. Неговиот противник, византиски војсководец, знаејќи дека на слава, според обичајот, дома се прима секој што ќе дојде, отишол на гости кај Ивец. Домаќинот го примил во својот дом, иако биле непријатели. Откако добро го нагостил, лукавиот Византиец, пред заминување, му рекол: „Може ли нешто да поразговараме насамо, во четири очи, само ние двајцата?“. Се тргнале малку настрана, во дворот, и притоа го ослепел. Нечесно и злобно, Византиецот, ги злоупотребил гостопримството и домашниот празник на македонскиот војсководец Ивец. Токму заради тоа настанот е запишан во еден стар запис, бидејќи тој направил такво злодело, на денот на славата. Тоа, пак, значи дека уште во 11 век, на писмен документ имаме потврда дека во Македонија, и пред Србите и пред Бугарите, ние Македонците сме одбележувале домашен празник, слава и крсно име, вели професорот Грозданоски. (Крај)

извор: Нова Македонија фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука