Охрид, 18. јануари 2017 (ОХРИДПРЕС) – Досега во сите парохиски цркви во Охрид за утрешниот Богојавленски чин, се пријавени вкупно 300 верници, информираат од Дебарско – кичевската епархија.
Но пријавувањето е и понатаму во тек, па во наредното деноноќие се очекува прилично зголемување на бројот на пријавени лица, кои ќе скокаат во водите на Охридското Езеро.
– Од информациите кои ги имаме од сите парохиски цркви, пријавени се 300 лица. Пријавувањето и понатаму трае. Досега се пријавени лица секако од Охрид, но и од повеќе градови на Македонија, потврдуваат од епархијата.
Сите заинтересирани потенцијални фаќачи за чинот на празникот можат во текот на денешниот ден во сите парохиски цркви, каде ќе се врши богослужба, каде ќе добијат насоки за положување на Чесниот крст.
Од Дебарско – Кичевската епархија потсетуваат еден од најмасовните и најпосетените празници во Охрид, да се прослави скромно и во духот на Македонската православна црква.
Богослужби утре ќе има во сите парохиски цркви. Крстот ќе се фрла на Градското пристаниште во 10 часот. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива