Струга, 16. август 2017 (ОХРИДПРЕС) – Одамна македонската јавност не била вознемирена од една класична егзекуција како онаа во понеделникот, кога среде бел ден во Струга беше убиен 55-годишниот Дилавер Бојку-Леку. Но кој беше убиениот Бојку? Како се случила егзекуцијата? Кои биле инволвираните лица во настанот и кои би биле мотивите за ова ладнокрвно убиство?
Истражните органи работат со полна пареа. Имено, во понеделникот, на 14-ти август, во 16.45 часот, во Струга, поточно во ресторанот „Аква блу“ на влезот во градот, од страна на засега неидентификувано лице беше убиен познатиот струшки бизнисмен и поранешен затворски осуденик, контроверзниот Дилавер Бојку-Леку. Настанот предизвика лавина реакции во јавноста, а граѓаните предизвикани од суровоста на настанот што се случи на „отворена сцена“ дополнително го подигнаа степенот на јавниот интерес за тоа што се случило, кои се причините и мотивите за овој брутален чин, но и колку е тој рефлексија на актуелните локални состојби, а и пошироко. Во потрага по одговори што би ги отсликале заднината и фактичката состојба, се консултиравме со голем број лица од Струга и околината. Според повеќе извори од градот и од селото Велешта, една од причините со висок степен на веројатност за убиството на Бојку е – крвна одмазда за убиството на лицето Ситем Истрефи. За убиството на Истрефи, како непосреден извршител е обвинет синот на Бојку, како и братот на Дилавер Бојку, како соучесник. Во прилог на тезата дека мотивите за убиството се крвна одмазда оди информацијата дека членови на семејството Истрефи веќе подолго време се заканувале со крвна одмазда. За убиениот Ситем Истрефи соговорниците ја издвојуваат како потенцијално релевантна информацијата дека Ситем му бил близок роднина на Кренар Лога, инаку најблизок соработник на поранешниот струшки градоначалник Зијадин Села. Оваа информација тие ја издвојуваат со причина.
Но како се случило убиството на Ситем Истрефи и кои биле мотивите за ова убиство?
На 13-ти декември 2015 година, во населбата Езерски Лозја, во непосредна близина на Струга, дошло до непосредна оружена пресметка меѓу две групи, односно кланови. Во едната бил убиениот Ситем Истрефи. Во истата група бил и братот на Ситем, Прентим Истрефи, кој во престрелката бил тешко ранет. Во спротивставениот клан, односно група, биле братот и синот на Дилавер Бојку. Во истата престрелка тешко бил ранет и братот на Бојку, 45-годишниот Башким. Синот на Бојку успеал да избега од местото на настанот неповреден. Тој сѐ уште е во бегство, а за него е распишана потерница. Некои портали на албански јазик шпекулираат дека повеќепати бил забележан во неговото село Велешта.За ова убиство, како иницијална каписла за пресметката и можната крвна одмазда, оние што се многу поупатени во генезата на недоразбирањата и отворените судири на споменатите групи, како круцијална пресвртна точка го споменуваат настанот на уривањето на објектите од услужна дејност на Дилавер Бојку на струшката плажа, како и отстранувањето на неговите објекти од привремен карактер на струшкиот „чаршиски мост“. Зафатот на уривање на објектите на Бојку е реализиран од страна на општината Струга, во време кога градоначалник е Зијадин Села. Поради тоа Дилавер Бојку, син му и брат му Башким ги претепуваат тогашниот секретар на општината Кренар Лога и одговорниот на инспекциските служби Муним Бајрактари. По овој настан, ситуацијата целосно излегува од контрола, ескалира со повеќе тешки физички пресметки и претепување припадници на едната или другата страна. Кулминацијата во таквиот тек на настаните следува на мостот на Црн Дрим, на излезот на Струга, во правец на Дебар. Имено, на т.н. Мороишки мост доаѓа до исклучително тежок инцидент и пресметка меѓу двата клана, а крајниот епилог беше убиството кај Долна Белица на гореспоменатиот Ситем Истрефи. За убиството на Ситем Истрефи, како што споменавме, е обвинет синот на сега убиениот Дилавер Бојку. По убиството на Истрефи, синот на Бојку е во бегство, а братот на Бојку, кој исто така е осомничен за соучесништво во убиството, е тешко ранет во стомакот, а во меѓувреме е опериран и подоцна префрлен во арестантското одделение во затворот „Идризово“. Во овој контекст, треба да споменеме дека судењето за овој случај под силно полициско обезбедување почна пред две недели.Што се случува во меѓувреме со Дилавер Бојку, по убиството на Ситем Истрефи? Како и неговиот син, така и Дилавер Бојку, според она што ни го потенцираат нашите извори од Струга, е фактот дека по убиството, Дилавер Бојку, заради лична безбедност и засолнување од можната одмазда на соперничкиот клан, исчезнува од јавноста. Извори од неговото опкружување сега тврдат дека тој во период од цели 18 месеци се засолнува на повеќе локации на релацијата Албанија – Косово – Црна Гора. Со почетокот на летово тој со изменет изглед се вратил во Струга и насекаде се движел со забележливо големо обезбедување околу него. Го чувале познати ликови, за кои има недвосмислени индикатори дека се од светот на подземјето на соседни држави. Но сега се чини дека и другата страна добро се организирала, бидејќи очигледно успеала во својата намера.Во секој случај, остануваат повеќе отворени прашања на кои истражните органи секако ќе дадат одговор. Ефикасноста и на правосудните органи исто така со овој настан ќе биде на испит. Начелата на правна држава, процедурите и владеењето на правото и во вакви случаи исто така треба недвосмислено да бидат демонстрирани. Не треба да се стави фокусот само на немилиот настан, затоа што тоа е можеби врв на ледената санта на криминални дејства, и тоа не само од областа на општиот криминалитет. Некои показатели на т.н. темна бројка на криминалитет постојат, но за конечни одговори јавноста ќе треба да причека.
Полицијата веднаш го обезбеди ресторанот „Аква блу“ во Струга каде што се случи убиството на Дилавер Бојку
Веста за смртта на Дилавер Бојку-Леку, кој, според таблоидните црни хроники, важеше за некрунисан крал на проституцијата на Балканот и еден од главните босови на албанската мафија, која контролираше мрежа на трговија со бели робје во Македонија, го крена правот од документите во кои беа регистрирани делата за кои тој беше осомничен или осудуван. Паралелно со тоа почнаа да се редат и шпекулациите околу можните мотиви за убиството. Што се однесува до минатото, од 1979 до 2001 година полицијата имаше поднесено против него дури 17 кривични пријави поради подведување на проституција, но до 2003 година беше недопирлив за органите на прогонот. Неколкупати беше апсен, но до 2003 година никогаш осудуван. Пред повеќе од една деценија го привлече вниманието на полицијата како сопственик на ноќниот клуб „Еспресо“ во Велешта, неговото родно место. Сопственик бил и на ноќен клуб „Кис ми“ и на хотелот „Берн“ во близината на Струга, за кои бил обвинет дека ги користи за проституција. Тој беше обвинет за заробување млади жени од Украина, Романија и од Молдавија, за бели робје. Жените со физичка присила морале да се проституираат.Според српските медиуми, наводно контролирал два главни илегални правци за транспорт на девојки и жени – едниот доаѓал од Бугарија, а другиот од Албанија. Двата транзитни канала завршувале во неговото родно село Велешта, кај Струга, кое своевремено важеше за место со најголем број проститутки во Македонија. Според пишувањата, во Велешта тогаш во секој момент имало од 200 до 250 жени подготвени да го продадат своето тело. Според информациите, Леку за себе задржувал дваесетина најубави девојки, кои им ги нудел на клиентите во својот бар „Еспресо“. По неколку месеци работа кај него, тој ги продавал на Косово, каде што овој бизнис бил уште попрофитабилен. Дилавер Бојку-Леку стана познат на средината на 1990-тите години со изјавата: „Проституцијата е во природата на жените со кои работам, а јас само им помагам и се обидувам да ги насочам да пронајдат спас“. Долго време тој беше недопирлив за македонската полиција, бидејќи пред секоја рација благовремено се криеше, пред сѐ благодарение на информациите што до него стигнуваа од МВР.
Тоа што јавноста помалку го памети е првичната минимална пресуда во судскиот процес од 2003 година, кога Бојку доби само шест месеци казна затвор иако делата за кои се товареше имаа многу поголем обем. Потоа незадоволство отворено покажаа САД, кои во тој период се залагаа за борба со трговијата со луѓе на Балканот.Во повторената постапка Бојку доби три години и осум месеци затвор, но и оваа казна не беше вистинска рефлексија на сторените дела, бидејќи се откажа клучниот сведок против него. Бојку на 20-ти јуни 2003 година избега скокајќи во црн автомобил, во близината на затворот во Струга, додека во придружба на обезбедување, но без лисици на рацете, чекаше да го спроведат до суд со полициско комбе. Поради бегството, директорот на затворот во Струга, Драган Петрески, бил отповикан.
САД, за да помогнат на борбата со трговија со луѓе на Балканот, понудија награда од 10.000 долари за информација што ќе води до негово наоѓање. Тогашниот американски амбасадор во Македонија, Лоренс Батлер, го опиша Бојку како „најпознатиот Македонец надвор од Македонија, а за случајот е заинтересиран ФБИ“. Обвинетиот Бојку беше фатен по двонеделно бегство, додека се подготвувал да избега во Бразил. Бојку во координирана акција со црногорските власти и македонското министерство за внатрешни работи беше фатен во Улцин, Црна Гора, и со хеликоптер беше екстрадиран во Македонија.Во 2013 година Бојку повторно се најде на ударните места во медиумите. Тогаш стана актуелен со својата плажа во Струга и конфликтот со струшкиот градоначалник Зијадин Села. Општинските власти вршеле контроли врз угостителскиот објект „Аква блу“ на Бојку, по што тој му се заканувал на Села, за што доби и предупредување од полицијата.
– Многу вложив. Ова е семеен бизнис, ми помогнаа повеќемина од семејството. Околу 400.000 евра вложив само од продажба на нивите на татко ми во Велешта. Мислам дека досега сум докажал оти се разбирам и добар сум во водењето бизнис, а Села само знае да урива. Ако градоначалникот ги урне објектите, јас лично ќе ја вратам плажата во првобитната состојба. Тоа значи дека ќе донесам кал, ѓубре и градежен шут оти така ја затекнав кога ја добив концесијата. За да ја уредам плажата донесов 100 шлепери песок од Маврово, а изнесов 50 шлепери шут и ѓубре. Тоа ќе му го вратам, рекол Бојку за „Дневник“ во 2014 година.
САД, за да помогнат на борбата со трговија со луѓе на Балканот, понудија награда од 10.000 долари за информација што ќе води до негово наоѓање. Тогашниот американски амбасадор во Македонија, Лоренс Батлер, го опиша Бојку како „најпознатиот Македонец надвор од Македонија, а за случајот е заинтересиран ФБИ“. Обвинетиот Бојку беше фатен по двонеделно бегство, додека се подготвувал да избега во Бразил. Бојку во координирана акција со црногорските власти и македонското министерство за внатрешни работи беше фатен во Улцин, Црна Гора, и со хеликоптер беше екстрадиран во Македонија.Во 2013 година Бојку повторно се најде на ударните места во медиумите. Тогаш стана актуелен со својата плажа во Струга и конфликтот со струшкиот градоначалник Зијадин Села. Општинските власти вршеле контроли врз угостителскиот објект „Аква блу“ на Бојку, по што тој му се заканувал на Села, за што доби и предупредување од полицијата.
– Многу вложив. Ова е семеен бизнис, ми помогнаа повеќемина од семејството. Околу 400.000 евра вложив само од продажба на нивите на татко ми во Велешта. Мислам дека досега сум докажал оти се разбирам и добар сум во водењето бизнис, а Села само знае да урива. Ако градоначалникот ги урне објектите, јас лично ќе ја вратам плажата во првобитната состојба. Тоа значи дека ќе донесам кал, ѓубре и градежен шут оти така ја затекнав кога ја добив концесијата. За да ја уредам плажата донесов 100 шлепери песок од Маврово, а изнесов 50 шлепери шут и ѓубре. Тоа ќе му го вратам, рекол Бојку за „Дневник“ во 2014 година.
Убиство среде бел ден
Ладнокрвното убиство среде бел ден во Струга во понеделникот ја вознемири јавноста, бидејќи жртвата е добро позната, особено на редовните проследувачи на црните хроники, а самиот чин се одвивал на фреквентно место, па постоела опасност да биде загрозен уште нечиј живот. „Убиство среде бел ден во Струга. Жртва е познатиот струшки бизнисмен и поранешен затворски осуденик Дилавер Бојку-Леку. Засега непознато лице во 16.45 часот дошло до Бојку, додека тој бил на својата плажа ’Аква блу’ на струшкото крајбрежје. Истрелал кон него неколку куршуми од огнено оружје. Според очевидци, напаѓачот потоа брзо се качил на мотоцикл и побегнал во непознат правец“, гласеше првичната информација за настанот. Додека се очекуваа официјалните соопштенија од обвинителството и од полицијата, се огласија од струшката болница.
– Околу 16:40 часот е донесено лицето Дилавер Бојку од приватни лица, не беше донесено со кола од брза помош. Примен е во хируршкото одделение во Струга, со прострелна рана во главата. Веќе беше во агонија, односно во биолошка смрт. Иако се обидувавме со анестезиологот да го реанимираме, сепак не се успеа да се врати во живот, изјави хирургот Илми Речи.
Пред болницата, пак, доцна попладнето се собраа голем број членови на потесното и пошироко семејство на Бојку и негови познаници. Не сакаа да зборуваат за настанот и ги одвраќаа новинарските екипи да не снимаат. Пред плажата на Бојку, пак, имаше зголемен број полицајци. Се вршеше увид.
Вчера и полицијата издаде официјално соопштение за убиството на контроверзниот струшки бизнисмен, 55-годишниот Дилавер Бојку-Леку. Од полицијата потврдуваат дека настанот се случил на терасата од ресторанот „Аква блу“, кој е во сопственост на Леку.
– Во негова непосредна близина се приближило засега непознато машко лице, кое, во правец на главата, му вперило пиштол и испукало еден проектил, нанесувајќи му огнострелни повреди во пределот на темпоралната регија од левата и десната страна. Потоа, засега непознатиот сторител со трчање го напуштил ресторантот бегајќи кон улицата „Партизанска“. Со цел да го фатат и задржат сторителот, по него се упатиле две лица, но истите тие се откажале од намерата откако засега непознатиот сторител и кон нив испукал два проектила, велат од СВР-Охрид.
На местото на настанот е извршен криминалистичко-технички увид, предводен од јавен обвинител при Основното јавно обвинителство – Струга, во содејство со полициски екипи. По наредба на јавен обвинител, врз телото на починатиот ќе биде извршена обдукција.
Убиецот влезе смирено и испука само еден куршум
На терасата на ресторанот каде што се случи убиството во критичниот момент седеле повеќе гости. Еден од очевидците ни го пренесе своето видување на настанот.
– Дилавер седеше на масата придружуван од човек од Велешта. Во тој момент во ресторанот влезе човек на возраст меѓу 30 и 40 години, со просечна височина, со безбол-капа и очила. Се упати директно кон масата на Дилавер и кога дојде до него извади револвер „магнум“, од кој испука само еден куршум над увото, поточно во слепоочницата. Според она што се виде, мислам дека веќе во истиот момент тој почина. Напаѓачот веднаш го напушти локалот и се упати пеш, во правец на стадионот на Караорман, каде што веројатно некој го чекаше за да побегнат со некое возило. Во тој момент по убиецот се стрчаа двајца од гостите, мислам дека едниот од нив е синот на Дилавер, но кога му се доближија, тој испука два куршума кон нив и тие се повлекоа. Мислам дека никој не го препозна напаѓачот, ни рече очевидецот на настанот, кој не можеше да ја скрие возбудата од она што го видел во понеделникот.
МВР има Фоторобот
МВР интензивно трага по убиецот на Дилавер Бојку-Леку, кој завчера пукал пред полна плажа. Од извори во истрагата се дознава дека веќе е направен опис на сторителот и активно се пребаруваат локации, но сѐ уште нема трага за осомничениот. Министерството за внатрешни работи трага по машко лице на возраст од околу 30 години, слабо развиен, а висок до 170 сантиметри. Како што дознава телевизијата 24, за време на завчерашното пукање, напаѓачот на Бојку бил облечен во темна маица со кратки ракави, темни кратки панталони и темни летни сандали на нозете. На главата носел бела летна капа и темни очила за сонце.
Напаѓачот се упатил во непознат правец, а полицијата трага на локации на кои би можел да се наоѓа.
Апсен и среде езеро
Веќе пожолтените страници на полициските билтени откриваат уште еден момент поврзан со минатото на Бојку, а за кој малку се знае. Имено, едно од апсењата на Бојку е реализирано во самото Охридско Езеро, кога тој се обидел да ѝ избега на полициската патрола додека управувал моторен чамец. Се упатил кон граничната линија во правец на Албанија, меѓутоа полицијата го пресретнала со глисер во близината на селото Радожда. При апсењето Бојку не употребил оружје ниту, пак, давал отпор, при што бил спроведен во струшката полиција.
извор: Нова Македонија фото: Нова Македонија
Прочитано: 123