Скопје/Охрид, 3. октомври 2024 (ОХРИДПРЕС) – Во текот на 2023 година на дневен ред пред Судскиот совет биле ставени вкупно 473 претставки од граѓани и правни лица за работата на судовите и судиите, од кои разгледани се 74 проценти. Од разгледаните над 88 проценти или 349 претставки биле неосновани, додека 10 отсто или 41 претставка основани.
Две претставки биле делумно основани и една претставка е повлечена од подносителот, се вели во извештајот за работата на Судскиот совет во 2023 година што денеска е пред собраниската Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците.
Како основ за поднесување на претставките, согласно спроведените анализи, во Извештајот се констатира дека од вкупниот број на претставки по кои расправал Советот најголем е бројот на претставки во кои подносителите изразуваат незадоволство од утврдената фактичка состојба, односно изнесуваат жалбени наводи и бараат преиначување на веќе донесената одлука на судот или утврдување на поинаква фактичка состојба од веќе утврдената фактичка состојба од судот. Во дел од претставките се изнесени наводи кои се однесуваат на одолговлекување на постапката пред судот, за непочитување на предвидените законски рокови за преземање на процесни дејствија на донесување, објавување и изготвување на судските одлуки и сл.
Од анализата на претставките поднесени по судови произлегува дека најголем број се однесуваат на работата на судовите на апелационото подрачје Скопје. Како подносители на претставките се јавуваат физички лица, правни лица, невладини организации и здруженија на граѓани, сојузи, адвокати итн. Од основните судови најмногу претставки има за Основниот граѓански суд Скопје – 68, потоа следи ОС Охрид – 23, ОС Гостивар – 22 и ОС Битола и ОС Кавадарци по 16. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес