Охрид, 4. март 2015 (ОХРИДПРЕС) – Бројот на заболени од грип во Охрид драстично се зголемува.
Епидемиолозите од Центарот за јавно здравје велат дека во овој период од годината поточно кон крајот на февруари и почетокот на март е очекувано да расте бројот на пациенти кои заболуваат од грип, а тоа според нив, го покажуваат и статистиките од изминатите години.
– Од 23-ти февруари до први март нивниот број се искачи на 218. Ова значи дека за една седмица бројот на пациенти со вироза се зголеми за пет пати, информираат од Центарот за јавно здравје.
Оттаму појаснуваат дека најголем дел од заболените се на возраст помеѓу 15 и 64 години.
– Во овој период се евидентирани и поголем број инфекции на горните респираторни патишта, но за среќа тие минуваат без компликации, додаваат епидемиолозите.
На пациентите заболени од грип редовно им се дава терапија со лекот „тамифлу“.
– Пациентите кои примаат инфузии редовно добиваат и „тамифлу“. Практиката кај нас покажува дека и матичните лекари задолжително им го препишуваат лекот на нивните пациенти, децидни се од Центарот за јавно здравје.
„Тамифлу“ со лекарски рецепт може да се набави во аптеката на Здравствениот дом која се наоѓа на горниот кат од објектот на амбулантата „Маларична“ или во просториите на Итната медицинска помош во Охрид. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес