јануари 28, 2020

Скопје, 28. јануари 2020 (ОХРИДПРЕС) – Владата на Република Македонија на денешната 5-та седница донесе заклучок со кој Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам се задолжува да изврши надзор над изградбата на градби од прва категорија на подрачјето на општините Охрид и Струга.

Одлуката предвидува дека треба да се провери дали градежните инспектори ги извршуваат своите обврски согласно Законот за градење, и да достави за сето тоа информација до Владата до наредната седница.

Оваа сабота истекува рокот кој УНЕСКО им го даде на македонските власти да реализираат 19 препораки како Охрид би се спасил од листата светско наследство во опасност. Заклучно со денешниот ден остануваат уште само три дена за да се комплетира прогрес извештајот со преземените активности и аргументи зошто Охрид треба да биде поштеден.

Од Владата се задоволни од тоа што е досега направено во врска со исполнувањето на препораките на УНЕСКО, но се’ уште не знаеме дали тоа ќе биде доволно за да се спречи хаосот во урбанизмот.

Деновиве во Охрид доаѓаат експерти од УНЕСКО кои лично ќе направат увид во сработеното од централната и локалната власт.

Во Охрид денес сончево време со мала до умерена облачност и температура до 9. степени

Ако се направи пресек на досега постигнатото, експертите ќе ги дочекаме со откажана изградба на ски-лифт во Националниот парк Галичица и патот од Охрид до Св. Наум, изгласан мораториум за градба, регистар на дивоградби, план за управување со природното и културното наследство во Охридскиот регион, кој требало да биде донесен уште во 2009 година, а формиран е и Мешовит комитет за управување со регионот на Охридското Езеро меѓу Македонија и Албанија. Она што посебно го нагласуваат властите е и редовната комуникација со светската организација.

Од активностите кои се во тек се издвојува санацијата на колекторскиот систем, која според најавите треба да заврши во месец мај, како и справувањето со дивоградбите. Се отстранија само дел од платформите на угостителските објекти кои беа поставени во вода, а веќе на следната седница на совет ќе се гласа динамичкиот план за отстранување на бесправно изградените плажи.

Сепак и натаму како најголем проблем претставува справувањето со депонијата „Буково“, која треба да биде затворена до крајот на оваа година.

Централната и локалната власт се оптимисти дека по прогрес извештајот кој ќе биде доставен Охридскиот регион нема да се најде на листата на загрозени подрајча на следниот состанок на Комитетот за светско наследство што во јуни ќе се одржува во Кина. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука