Охрид, 5. јули 2024 (ОХРИДПРЕС) – Беа трио, па станаа дуо. Тоа немаше своевремено да стане тема, ако претходно сериозно не го завртеа вниманието на музичката јавност кон себе.
Се издвоија од околината по свежиот пристап кон музиката со која внесоа нова енергија на македонската музичка сцена.
Борис Какуринов и Илчо Нечовски се кријат зад името Дупер, и имаат нова песна наречена „Со тебе не гледам саат (бејби). Во интервју за Супер радио и OhridPress велат дека се луѓе што сакаат луѓе, а дека според нив, „убава музика“ е таа која прво тебе ти се допаѓа и ти предизвикува чувства.
OhridPress – Суперхикс своевремено порачаа дека песни „глупави“ тешко се пишуваат. А, како се прави убава музика? Што е убава музика за вас, од каде црпите инспирација да бидете поразлични од другите?
Дупер – Различноста ја имаме сите, само што ние најдовме начин да ја насочиме кон правење на музика и со самото тоа, задоволство. Најверојатно „убава музика“ е таа која најпрвин тебе многу ти се допаѓа и ти предизвикува некои чувства уште кога ја создаваш, зошто како уметник имаш и одговорност за тоа што оди, а што не во етерот.
OhridPress – Успеавте да изградите сопствен и препознатлив стил. Како изгледа креативниот процес, работите заедно или си испраќате демо снимки и идеи?
Дупер – Немаме единствена формула за создавање бидејќи секоја песна изникнува од различна приказна, муабет и си носи посебен пат, но најчесто почетокот е сличен – Борис има некоја нова снимка и ми ја праќа за да ја чујам.
OhridPress – Колку ја користите новата технологија, особено што AI влегува на голема врата во музиката. Ќе ја „уништи“ или добиваме само уште една сериозна алатка за сериозно талентираните?
Дупер – Гледаме секогаш да ја одржиме музиката релевантна на времето во коешто живееме. Досега сме користеле AI само во еден спот, а во музиката не. Дали ќе ја уништи или подобри ќе покаже времето.
OhridPress – Веќе имате неколку синглови. Ќе добиеме ли наскоро нов албум како носач на звук, ЦД, плоча или во некој дигитален формат?
Дупер – По првиот албум, не сме размислувале за нешто слично во скоро време. Моментално сме насочени на довршување и објавување на што повеќе синглови кои можеби во иднина би ги обединиле во некој формат, но не сега.
OhridPress – Велите дека со новата песна официјално почнува летото. Каде ќе може публиката да ве види летово? Имате ли закажани настапи?
Дупер – Летово сме на YouTube и Spotify. Фокусот секогаш ни е повеќе на правењето музика, а изведувањето доаѓа споредно. Којзнае, можеби ќе се случи некој настап во скоро време.
OhridPress – Што друго ве исполнува освен музиката – спорт, дружење, патувања, храна, вино…?
Дупер – За среќа и двајцата сме луѓе што сакаат луѓе, па оттука дружење дефинитивно е една од работите кои ни го исполнуваат животот. Секако, тоа одлично оди секогаш со добра храна и пијалак, одлично музика, а уште подобро некаде на плажа или на планина. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива