Охрид, 9. февруари 2015 (ОХРИДПРЕС) – Во охридската чаршија секојдневно се затвораат дуќани. Се’ поголем е бројот на излози со написи на кои пишува „расподажба“ , „тотална ликвидација“ и слично и на кои по ден-два сопствениците им ставаат клуч.
Познавачите на приликите велат дека тешката економска криза, високите цели, како и инспекциските казни се причина повеќето трговци да ги затворат своите бизниси кои ги развивале со години.
– Најголемиот дел од градбите што никнуваат во сите делови на Охрид, во последно време оставаат простор и за деловни објекти така што нив ги има насекаде во градот. Сега понудата е поголема за разлика од побарувачката. Од друга страна, сите кои се занимаваат со трговија сакаат да земат дуќани во најстрогиот центар на градот каде што има најголема фрекфенција од луѓе за што плаќаат и екстремно високи кирии, појаснуваат агентите за недвижности.
Трговците признаваат оти закупнината на дуќан во чаршијата е висока, а прометот е драстично опаднат.
– Плаќам висока закупнина месечно за малото дуќанче што го имам изнајмено во чаршијата. Куповната моќ на потрошувачите слободно може да се каже дека сега премина во „куповна немоќ“ зашто и покрај попустите кои уредно беа истакнати на излогот, речиси и никој не влезе барем да види што се нуди и за колкав попуст. Ова никогаш досега не се случило во Охрид, вели за Супер радио, трговец од Охрид кој изнајмил дуќан во старата чаршија.
Во страв да не бидат казнети од страна на инспекциите, тие инсистираат на анонимност, но велат дека контролите на инспекциските служби се толку жестоки што не можат да ги платат ниту заработените казни, а камоли да остане нешто и за нив.
– Казните се преголеми за наши услови. Еднаш ме казнија, и ако уште еднаш ми влезат во бутикот инспектори и ми напишат казна колку што беше претходната, тогаш ќе морам да земам кредит или да позајмам пари за да платам, а потоа слободно да го затворам бизнисот. Тешко се преживува. Од друга страна, наместо собиралиште на луѓето, чаршијата сега претставува најпразното место во градот. Со години работам тука и ми се чини дека чаршијата никогаш не била попразна, вели сопственичка на дуќан.
Во охридската чаршија со години наназад егзистираа голем број занаетчии кои придонесуваа за развој на занаетчиството, не само во градот, туку и во целата држава. Последните години старите занаети пополека изумираат, а останаа само мал дел од помодерните. Во чаршијата сега доминираат бутиците за облека и обувки, како и дуќаните во кои се продава накит. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес