Охрид, 9. јуни 2023 (ОХРИДПРЕС) – Стручно и научно е докажано дека исхраната има важна улога во постигнување на спортски резултати и одржување на добра здравствена состојба на спортистот.
Токму правилната спортска исхрана на спортистите е посебна опсесија во научната работа на примариус д-р. Оливер Бојчески, специјалист по спортска медицина и специјалист по медицина на трудот и раководител на амбулантата за спортска медицина (регионалниот центар по спортска медицина за Струга, Охрид, Кичево и Дебар).
Автор е на повеќе книги, а најнов негов ангажман е да биде одговорен за медицинскиот тим, исхрана и психолошка подршка во ФК „Струга Трим и Лум“.
Супер радио: Повод за нашиот разговор е освојувањето на шампионската титула на ФК „Струга Трим и Лум“, каде Вие сте одговорен за медицинскиот тим, исхрана и психолошка подршка. Како е да се биде одговорен за сите овие работи на најмладиот шампионски фудбалски тим во нашата држава и на што се должи овој голем успех.
Д-р Бојчески: Најпрво да спомнам дека, тука, во овој регион постојат бројни успешни клубови, поединечни спортисти како и спортски работници кои се шампиони во своите дисциплини и категории. Горд сум што сум и дел од сите нив, соработувам со нив, несебично, во рамките на моите и нивните можности. ФК „Струга Трим и Лум“ е една посебна успешна приказна со која сум уште од самиот почеток па се доостварување на овој спортски успех. Формулата за успешност не е ниту посебна ниту новооткриена, туку се состои во примената на високо професионален пристап, знаење и стручност за постигнување на однапред зацртана и добро дефинирана цел во која секој си ја знае својата работа а во исто време ја почитува туѓата, со постојана соработка и близок контакт помеѓу играчите-стручниот штаб и секако раководството на клубот. Самиот наслов кај моето име како доктор одговрен на медицински тим, исхрана и психолошка подршка укажува на огромниот обем на работа што треба да се изврши. Таа задача ја извршувам со огромна подршка и работа на медицинскиот тим и надворешни соработници, на кои им благодарам за соработката бидејки без нив не би можел сам да поминам низ огромната проблематика на спортските повреди и рехабилитацијата. Секако им благодарам и на сите спортски работници кои биле дел од стручниот штаб низ изминатите години со кој секогаш изворедно комунициравме и делевме разни проблематики.
Супер радио: Стручно и научно е докажано дека исхраната има важна улога во постигнување на спортски резултати и одржување на добра здравствена состојба на спортистот. ФК „Струга Трим и Лум“ е еден од ретките клубови ако не и единствен во државата кој направи своја специјална кујна за спортска исхрана на своите играчи. Што би можеле да ни кажете околу тоа?
Д-р Бојчески: Правилната спортска исхрана на спортистите е моја посебна опсесија во научната работа. Ја проучував светската нутриционистичка литература, а потоа врз база на нашата балканска кујна, антропометриски и метаболички карактеристики како и општите светски препораки за спортска нутритиција, успеав да напишам заедно со моите соработници (коавтори) три книги за спортска исхрана: „Исхрана во спортот“. „Спортско-медицински основи на правилната исхрана во спортот“ и „Практична спортска исхрана“, во кои се образложува вистинската цел на правилната спортска исхрана за постигнување и одржување на правилна физичка конституција за спортување во склад со добро здравје.
Со отворањето на кујната мојата работа во клубот се дуплира со уште потешки и поголеми обрски, но добив можност се она што теоретски го знаев сега практично да го спроведам. Благодарност изразувам кон вработените во кујната кои секојдневно ги спроведуваа менијата во количина, квалитет и време, кои внимателно ги давав врз база на натпреварувачкиот циклус и спортските побарувања. Сметам дека и нутрицијата која се спроведе си има свој удел во успехот, покрај другите огромно значајни фактори како што се физичка припрема, техничко-тактичка подготвеност, стратегија и др.
Супер радио: Што значи тоа психолошка подршка? Можете ли тоа накратко да ни го опишете?
Д-р Бојчески: …Да ги тргнеш рацете од покриеното и плачливо лице на играчот кога не му оди на теренот… да му дадеш надеж за брзо враќање на спортското борилиште иако знаеш дека ќе потрае време за негова рехабилитација… и покрај огромната лутина што ќе ја чуствува кон тебе ако го исклучиш од тренинг поради повреда и болест, да му докажеш дека тоа го правиш за негово добро и дека здравјето е најважно, а не спортскиот терен, зошто одговорноста не е само пред играчот туку и пред неговото семејство и понатамошниот негов живот.
Супер радио: Автор и коавтор сте на пет книги со наслов „Спортски повреди“, „Кардиологијата и спортот“, како и претходните наслови на книгите за правилна спортска исхрана и уште над 30 научно-стручни трудови. Кажете ни дали сето тоа вреди во денешно време кога сé помалку се чита од книги, а уште поретко пишува.
Д-р Бојчески: Секогаш кога работев и пишував се прашував дали вреди? Но, сепак продолжував и продолжувам без прекин од денот кога ја завршив специјализацијата по спортска медицина па сé до ден денес. Најпрво пишував бидејќи немаше доволна стручна литература од ова област на македонски јазик, а потоа како одеше моето професионално усовршување и работата со клубовите и спортистите така се редеа сé повеќе научни и стручни сознанија кои несебично сакам да ги споделувам со моите колеги и спортски работници со цел сите заедно да дојеиме до подобри спортски резултати и се разбира подобро здравје на спортистите и сите оние кои се занимаваат со спорт. Никогаш не сум се водел од економската добивка (бидејќи и нема економска добивка) и дали некој ќе го вреднува мојот труд, јас продолжувам да творам за спортско и научно богатство на спортистите на мојата држава – Република Македонија. Но, исто така мило ми е да истакнам дека некои книги и стручни трудови се преведени и на англиски, албански и српско-хрватски јазик и како такви ги користат моите колеги во соседните држави.
Супер радио: Кои се плановите за понатаму д-р Бојчески?
Д-р Бојчески: Верувајте само здравје, другото е помалку важно. Сега знам дека ми е потребен одмор и време за мојот спорт и љубов кон планините, односно за планинарењето. Често ја користам изреката „широк поглед, широки мисли“ и затоа таму најубаво се чуствувам, одморам, спортувам и размислувам што понатаму. Да спомнам дека дека оваа година амбулантата по спортска медицина има јубилеј – 15 години од нејзиното формирање за што се надевам ќе имаме и посебна пригода. И за крај да спомнам дека јас и мојата екипа (сестрите) ќе продолжиме да даваме постојана грижа и здравствено-спортска логистика на сите клубови и спортисти. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива