Охрид, 27. февруари 2024 (ОХРИДПРЕС) – Оваа работа без љубов не може да се работи, а тоа што сум директор го разбирам како обврска, не како привилегија, вели во интервју за Супер радио и OhridPress ортопедот доктор Јордан Смически, кој од неодамна е директор на Специјализираната болница за ортопедија и трауматологија „Св. Еразмо“ во Охрид.
Предизвиците со кои се соочува институцијата се пред сѐ инфраструктурни, веќе седум години се во реконструкција и сѐ уште не се знае што ќе се прави со проширениот дел од болницата, дали таму ќе го има и Центарот за кардиологија. Недостиг на кадар има, но засега успеваат да излезат во пресрет на сите пациенти. Во 2023 година во болницата се лекувани 1.868 пациенти, има вкупно 225 вработени, 26 доктори специјалисти. Со д-р Јордан Смически поразговаравме за предизвиците со кои се соочува во работата, спектарот на сложени хирушки зафати што како институција и тим постојано го прошируваат, идните планови, но и со што се занимава надвор од работните обврски.
Супер радио: Од неодамна сте директор на оваа позната и престижна здравствена установа. Каква е состојбата и со кои предизвици се соочувате во работата?
Д-р. Смически: Предизвици има многу, се и од финансиски и од инфраструктурен аспект. Немаме некој поголем финансиски проблем, но мора да се зголеми буџетот, да имаме поголем прилив на финансии да ги лекуваме пациентите и да се зголеми бројот на операции. Со тоа кај нас се зголемуваат и трошоците, тука имаме проблем кој ќе се реши со зголемување на буџетот што ни го префрла Фондот за здравство. Во однос на инфраструктурата, веќе седум години сме во реконструкција на болницата и тоа ни е голем проблем. Оваа работа без љубов не може да се работи, тоа што сум директор, јас го разбирам како обврска, а не како привилегија. Ми требаше нов предизвик, да излезам од зоната на комфор. Сега, и покрај многуте предизвици што ги имам се чувствувам многу подобро, едноставно јас ја сакам оваа работа. Ние ја сакаме болницата, посебна љубов имаме кон работата и установата. Накратко, состојбата низ бројки е ваква: во 2023 година во болницата се лекувани 1.868 пациенти, од кои најмногу биле од Охрид – 499, потоа има од Кичево, Струга, Битола…. Имаме вкупно 225 вработени, 26 доктори специјалисти. Можам да кажам дека е скратено времето на лекување на пациентите. Ако во 2010 година било 16, сега просечното времетраење на лекувањето е 10 болнички денови.
Супер радио: Со оглед на тоа што тука се лекуваат пациенти и надвор од Македонија, каква е состојбата со кадар, дали има доволно и дали има специјализанти?
Д-р. Смически: И во нашата болница имаме недостаток на кадар, постарата генерација замина во пензија. Нив има кој да ги замени, но се надеваме дека во иднина ќе го зголемиме кадарот. Ни требаат неврохирурзи, недостига пластичен хирург, потоа кадар на ортопедија, неврологија… Засега сме добри, може да се соочиме со предизвиците, како за нашите, така и за пациентите од соседните држави. Имаме колеги кои се на специјализација, поточно имаме девет доктори кои се на специјализација.
Супер радио: Како болница и тим специјалисти сте пионери во изведување на некои сложени хирушки зафати, постојано се проширува спектарот на интервенции. Тука е најновата метода на артроскопска хирургија на рамен зглоб, со специјален неврохируршки микроскоп беше извршена сложена операција на тумор на мозок, а за првпат беше извршена и имплантација на протеза на рамо. И вие бевте дел од тимовите што реализира некои од овие зафати. Дали имаме да најавиме нешто ново?
Д-р. Смически: Да, сега двајца наши колеги специјализанти беа на курс во Атина. Се надеваме дека овие нови методи ќе ги продолжиме понатаму, како и протетиката на рамо. Станува збор за скапи операции што го оптоваруваат буџетот на болницата. Ќе продолжиме и понатаму да го зголемуваме обемот на работа. Станува збор за скапи операции, но со помош на Фондот ќе ги надминеме.
Супер радио: Од неодамна ги подобривте условите за пациентите кои имаат потреба од хидротерапија.
Д-р. Смически: Подобрените услови многу значат за пациентите, им олеснува во нивната рехабилитација, во текот на лекувањето. Физикалната терапија и рехабилитација ни е еден од проблемите што ги имаме и тука треба да дадеме акцент, како на доктори кои ќе одат на специјализација, така и на физиотерапевти. Меѓутоа, и со тој проблем сме врзани инфраструктурно. Кога ќе го отвориме новиот дел, таму ќе ги префрлиме ортопедските пациенти, а ќе продолжиме како порано со рехабилитација во стариот дел.
Супер радио: Дел од болницата е проширен и модернизиран и беше најавено дека тука ќе се пресели и Центарот за кардиологија. До каде е работата по ова прашање?
Д-р. Смически: Не знаеме ништо по ова прашање, тоа е голем проблем. Веќе седум години тоа трае и не знаеме како ќе биде понатаму. Се надеваме дека во скоро време ќе се реши и тој проблем. Не се знае ни дали тука ќе има Центар за кардиологија.
Супер радио: Надвор од работата, кој е Јордан Смически, имате ли хоби и како ги полните батериите?
Д-р. Смически: Имам повеќе хобија, сакам прошетки во природа, спорт, љубител сум на возење мотори…
Супер радио: Кои се вашите планови за периодот што претстои, дали има најави за некои поголеми инвестиции?
Д-р.Смически: Планови има многу и за инвестиција и за реконструкција. Пак ќе се вратам на проблемите што ги споменав на почетокот, реконструкција на болницата, проблемите со кадар, да ги вратиме пациентите од соседството, од Албанија од Косово и да се прошириме на сосодните држави да доаѓаат на лекување тука кај нас. (Крај)
извор: ОхридПрес фото/видео: ОхридПрес