Охрид, 16. јануари 2025 (ОХРИДПРЕС) – Во првите две недели од годинава во Охрид се регистрирани 46 лица заболени од грип.
Специјалист епидемиолог д-р Јованка Стурлакова Коровешоска од Центарот за јавно здравје Охрид за Супер радио и OhridPress вели дека сите евидентирани случаи се во втората недела, а најголем дел од нив се во возрасната група од 15 до 64 години, што било очекувано поради тоа што многу малку се вакцинирани.
– Првата недела од годинава околу празниците немаше регистрирани случаи, а сите 46 се регистрирани во втората недела. Од 46 заболени од грип, 39 се на возраст од 15- 64 години, што е и очекувано што има најмногу заболени бидејќи многу малку се вакцинираат, за разлика од повозрасните. Преостанатите 3 случаи се деца од 0-14 годин и 4 се над 65 години. Моментално циркулира Инфлуенца тип A и Инфлуенца тип B, потенцира д-р Стурлакова Коровешоска.
Оваа сезона поголем беше интересот за вакцинација против сезонскиот грип, како од ризичните групи граѓани така и од останатите. Колку за споредба минатата година во овој период во Охрид беа регистрирани 133 заболени од грип, од кои 52 случаи во првата и 81 во втората недела.
На државно ниво, според податоците од Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) во втората недела од годинава, од 6-ти до 12-ти јануари се регистрирани 1.053 случаи на заболени од грип, што е за 3,2 пати повеќе во однос на првата недела. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива