Белчишта, 28. октомври 2021 (ОХРИДПРЕС) – Проектите од е Твининг програмата на кои учествуваа наставничките Македонка Мувческа- Кузмановска и Билјана Трајкоска од ООУ „Дебрца“ и нивните ученици, „Математичко патување низ историјата и науката“ и „Жива митологија“ беа наградени со Европска ознака за квалитет.
– Тоа значи дека нашата работа, работата на нашите ученици и нашето училиште е признаена на највисоко Европско ниво. Проектите ќе бидат вметнати во посебен простор на Европскиот портал www.etwinning.net. Со ова стекнуваме право на присуство на некој од е Твининг настаните, а нашето училиште се стекнува со називот е Твининг училиште заедно со неколкуте европски признаени е Твининг училишта. Голема благодарност до нашите ученици: Јана Сиљаноска, Андријана Огненоска, Бисера Огненоска, Иван Бимбилоски, Јасна Петреска, Вероника Спироска, Мартина Цветаноска, Никола Дукоски и Петар Левески кои не се штедеа при работата и предизвиците со современите веб алатки, кои иако беа ново искуство, одлично беа прифатени и завршени во поставените рокови, велат Мувческа- Кузмановска и Трајкоска.
Додаваат дека за најмладите особено биле забавни истражувањата на околината, промоцијата на Белчишкото Блато и неговите ендемски видови, како и запознавањето на нашите партнер училишта со митологијата, историјата и убавините на Дебрца и Охрид.
– Испраќаме благодарност до сите наши нови пријатели од Турција, Хрватска, Холандија и Јордан, со кои успаевме да го подигнеме наставниот процес на едно повисоко ниво и да им овозможиме на нашите ученици онлајн средби со нивните другарчиња и подобрување на англискиот јазик при комуникацијата, запознавање нови култури и нови обичаи и традиции, градејќи мултикултурни мостови, додаваат наставничките Мувческа- Кузмановска и Трајкоска. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива