Струга, 8. март 2017 ОХРИДПРЕС) – Улогата на социјалното претприемаштво во поттикнување на локалниот социо-економски развој ќе биде во фокус на дводневниот настан, кој ќе се одржи на 9-ти и 10-ти март во хотелот „Дрим“ во Струга.
Преку практични примери, но и со насоки од интернационални експерти во областа на социјалното претприемаштво, оваа средба ќе понуди можности за креирање нови партнерства за социо-економски развој на регионот. Целта на обуката е зајакнување на капацитетите на здруженијата на граѓани со економски активности и на малите претпријатија во Струшкиот регион преку трансфер на know-how од пионерска организација во социјално претприемаштво во земјава и од интернационални експерти.
– Најголемо учество во бруто-домашниот производ на Република Македонија има Скопскиот регион со 42.6%, додека, пак, најмало учество имаат Североисточниот, со 5.3% и Југозападниот регион со 6%. Ниското учество во бруто домашниот производ укажува дека општеството не создава дополнителни економски ресурси кои покрај задоволување на тековните економски потреби ќе овозможи инвестирање во иднината, како и решавање на социјалните и еколошките проблеми. Стапката на активност на населението пак, во Југозападниот регион изнесува 54.9, стапката на вработеност е 36.2, а стапката на невработеност – 33.9.
– Југозападниот регион е меѓу регионите со најизразена стапка на невработеност, а од друга страна ова е предел кој што нуди бројни можности поради своите природни потенцијали. Согласно ова, потребен е нов концепт на бизнис кој ќе одговори на реалните потреби и локалниот контекст, како и иновативни организациски модели со социјална мисија кои можат да се забележат во рамките на социјалното претприемаштво, вели Климентина Илијевски, извршен директор на Асоцијацијата за истражување, комуникации и развој „Паблик“.
За потенцијалот на руралните подрачја и на туристичките места и улогата на бизнисот (социјален и традиционален) во нивниот развој ќе говори експертот по рурална социологија, Георг Визинер од Федералниот Институт за планински и послабо развиени подрачја од Виена.
Во рамки на настанот ќе бидат претставени и социјалното претпријатие „Барка“ од Полска од страна на нејзиниот основач Барбара Садовска, како и уличното списание „Лице в лице“ кое е едно од пионерите во развојот на социјалното претприемаштво во земјава. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива