Скопје/Охрид, 6. август 2024 (ОХРИДПРЕС) – Кога дојдовме во Охрид, помисливме дека би можеле да останеме тука засекогаш, велат сопружниците Бразилци, Едра Сток и Габриел Фоз, кои патуваат низ светот со малку пари и најчесто со авто-стоп.
Авантурата која почнала во март годинава, а не се знае кога ќе заврши, летово ги донесе и во Скопје и Охрид.
Едра има 32 години и по професија е стоматолог, а работела и како наставничка по португалски. А 36-годишниот Габриел е специјалист за маркетинг. Заедно се 10 години, од кои 7 се во брак.
– Секогаш ни беше сон да одиме на места кои не се толку вообичаени за нас, во Бразил. Сфативме дека старееме, па време е да направиме нешто вакво. Ако не сега, кога?, вели Едра во разговорот со Радио Слободна Европа и новинарката Емилија Бунтеска Нацоска.
Од март до сега поминале низ повеќе од 40 градови и 5.000 километри. Уште кога се договориле дека ќе патуваат вака, престанале да купуваат работи што не им требаат. Во ранци со себе можат да носат малку работи. Искуството, велат, ги направило попрактични.
– Предизвик е што треба да чуваш и некои од работите кои не ги користиш во моментот. На пример, сега е многу топло, но сепак мора да ги чуваме џемперите кои ќе ни требаат кога ќе студи. Ако сакам да имам нова маица, треба да се ослободам од една стара, истакнува Едра.
Комплетното интервју за Радио Слободна Европа ОВДЕ. (Крај)
извор: Радио Слободна Европа/Емилија Бунтеска Нацоска фото: архива