Охрид, 30. март 2018 (ОХРИДПРЕС) – Во организација на Заводот за кардиоваскуларни заболувања Охрид и реномираната компанија за медицинска технологии Биотроник од Швајцарија беше организиран едукативен настан за лекарите од заводот од областа на електро-стимулацијата.
– Настанот вклучуваше едукативно предавање од оваа област од страна на експерти од Биотроник и за прв пат во здравството во Охрид се одржа и тренинг курс на симулатори, со што лекарите од заводот имаа можност да совладаат и научат некои современи вештини и техники од областа на електро-стимулацијата и кардијалниот пејсинг. Станува збор за продолжение на едукативните активности пот типот на „hand on tutoril“ кој со години во разни области на интервентната кардиологија се организираат во оваа болница. За средината на јуни годинава, од Заводот најавуваат организација на најголемиот едукативен настан од областа на интервентната кардиологија било кога одржан во Република Македонија, на кој учество ќе земат еминентни имиња од Германија, Австрија, Бугарија, Романија, Словенија, Србија, Хрватска и Македонија. Целиот настан ќе се емитува во живо директно од катетеризационата лабораторија, а ќе биде под прокторство и со поддршка на Биотроник од Швајцарија, информираат организаторите.
Со ваквите настани Заводот за кардиоваскуларни заболувања „Свети Стефан“ од Охрид продолжува да одржува високо ниво на едуцираност на лекарите, воведување на нови технологии и процедури, како и продолжување на соработката со други реномирани здравствени установи од Европа, задржувајќи го местото лидер во својата дејност во регионот. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива