Охрид, 27. март 2023 (ОХРИДПРЕС) – Продолжува да расте нивото на водата во Охридското Езеро, но и натаму недоволно за да се достигне просекот за овој период од годината.
Според денешните мерења на Управата за хидрометеоролошки работи на Република Македонија (УХМР), езерото е на кота од 693,27 м.н.в, што е за 22 сантиметри под просечното ниво за овој месец (693,49 м.н.в) и 17 сантиметри над минимално дозволеното ниво (693,10 м.н.в). Температурата на езерската вода 10 степени, што е над просекот за март.
Последнава недела водостојот е покачен за два, додека од почетокот на месецов за девет сантиметри.
Во Охрид денес променливо облачно време со повремени врнежи од дожд. Максималната температура ќе се искачи до 17. степени.
– Под влијание на влажна и нестабилна воздушна маса денес времето ќе биде променливо облачно со врнежи од дожд. Попладне на повеќе места ќе биде нестабилно со пороен дожд, грмежи и засилен југозападен ветер. Кон крајот на денот и во текот на ноќта ќе започне да дува засилен северен ветер што ќе услови на планините и на некои повисоки места врнежите да преминат во слаб снег. Утре ќе биде ветровито и студено со значително пониски дневни температури. Ќе дува силен северен ветер, наместа со брзина и над 70 км/час. Потоа во следните денови времето ќе биде стабилно со пониски утрински температури, а дневните ќе бидат во постепен пораст, информираат од УХМР. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес/УХМР