Езерското ниво за една недела се покачи за 4 сантиметри, денес е на кота од 693,19 м.н.в
декември 17, 2024

Охрид, 17. декември 2024 (ОХРИДПРЕС) – Иако минимално, но сепак врнежливиот период придонесе за подобрување на хидролошката состојба на Охридското Езеро, барем тоа го покажуваат мерењата на Управата за хидрометеоролошки работи на Република Македонија (УХМР).

За една недела нивото порасна за 4 сантиметри. Сепак состојбата и понатаму е алармантна со оглед на тоа што водостојот е многу далеку од просекот за овој период од годината.

Според денешните мерења нивото е на кота од 693,19 м.н.в што е за 13 сантиметри под просечното ниво за овој месец (693,32 м.н.в) и 9 сантиметри над минимално дозволената кота (693,10 м.н.в). Температурата на езерската вода, измерена утрово е 8,5 степени и е за нецел степен пониска од просечната.

Со надеж дека одговорните ќе преземат соодветни мерки и нема да ни се случи „Преспанизација“ на Охридското Езеро, на OhridPress продолжува рубриката „До кај сме“ каде секој ден објавуваме по една фотографија од истата локација од процесот на претворање на охридското „Островче“ во полуостров.

Во Охрид денес сончево време со мала локална облачност. Ќе дува умерен ветер од северозападен правец. Максималната температура ќе се искачи до 11. степени.

– До четврток ќе се задржи стабилно и релативно топло време. На планините поради повисоките температури висината на снежната покривка ќе се намалува. По одделни котлини ќе има појава на магла и таму дневната температура ќе биде пониска. Нов влажен бран со врнежи од дожд, а на планините и на повисоките места од снег се очекува во петок попладне и во сабота, информираат од Управата за хидрометеоролошки работи на Република Македонија (УХМР). (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес/УХМР

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука