октомври 8, 2024

Охрид, 8. октомври 2024 (ОХРИДПРЕС) – Екипа од РЦСOО „Ванчо Питошески“ од Охрид учествуваше на Меѓународниот натпревар ГАТУС 2024 од областа на угостителско-туристичката струка, што деновиве се одржуваше во Осијек, Република Хрватска.

И овојпат достојно го претставија училиштето и градот Охрид постигнувајќи забележителен успех. На натпреварот учествуваа 12 училишта од поранешните југословенски републики: Охрид (Македонија),  Марибор, Ново Место и Радовљица (Словенија), Бања Лука и Приједор (Босна и Херцеговина), Белград и Смедерево (Србија), Опатија, Осијек и Сплит (Хрватска), Бар (Црна Гора). 

Охридската екипа освои сребрен медал во категоријата туристички аранжмани, додека бронзени медали во категориите готварство и послужување.

ГОТВАРСТВО – Валентин Матоски – Павел Илијовски – Михаил Гулабовски ментор: Војо Ангелоски

УГОСТИТЕЛСКО ПОСЛУЖУВАЊЕ – Теона Талевска – Контантин Мурговски – Јован Андов ментор: Васил Талевски

ТУРИСТИЧКИ АРАНЖМАН – Петар Ѓорѓиев – Вероника Ѓуракова – Габриела Ѓореска ментор: Марија Ѓорѓиоска

За сите учесници беше организирани едукативни излети во Копачки Рит и презентациско-едукациски центар Тиквеш. Домаќин на следниот натпревар ГАТУС 2025, ќе биде градот Бар, Црна Гора.

За потсетување, минатата година РЦСOО „Ванчо Питошески“ и градот Охрид беа домаќини на овој натпревар, кога се натпреваруваа околу 200 учесници од 15 училишта од земјите од поранешна Југославија. Учениците од нашето училиште освоија два златни и еден сребрен медал. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука