Скопје/Охрид, 26. мај 2021 (ОХРИДПРЕС) – Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот (АППТ) од денес во наредните неколку дена ја придружува екипата на Јавниот сервис на Србија – Радио Телевизија Србије (РТС – Око Магазин) при нивната тура низ истокот на Република Македонија и Охрид.
Идејата на екипата е да се стави акцентот на источниот и западниот дел на државава при снимања репортажата и да се прикажат интересни места и луѓе кои преку нивната приказна ќе ги водат гледачите низ различни места во државава. Фокусот е на атрактивни и автентични места, со убав поглед и заштитена природа, вклучувајќи и авантура со теренски возила, а истата почнува од Кратово, Куклици, Берово, па се’ до Охрид и Вевчани.
– Ова е само еден од начините на кои АППТ работи на промоција на туристичките потенцијали во државава. Со интензивирање на имунизацијата се очекува бројот на гостите од регионот да порасне и на тој начин за започне закрепнувањето на туризмот и поуспешна сезона од 2020 година. Веднаш после посетата на РТС, најавена е посета на земјава на претставници на туристичкиот канал Балкан Трип од Србија и 35 тур оператори од Полска. Периодов следи и зголемена дипломатска активност во регионот за промовирање на Република Македонија како сигурна дестинација за патување, а македонските туристички потенцијали остануваат во фокусот на регионалните медиуми преку кампања која ја спроведува АППТ, информираат од агенцијата.
Промоцијата за тоа дека Република Македонија е дел од листата на 100-те дестинации кои ги прифатија безбедносните протоколи на WTTC кои гарантираат сигурно патување продолжува и понатаму, како и активното аплицирање на безбедносниот печат на поголемиот број на чинители во туризмот. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: АППТ