април 26, 2017

Охрид, 26. април 2017 (ОХРИДПРЕС) – Факт е дека Охрид е туристичко место и треба и понатаму да се развива.

Но, тоа да не биде по секоја цена. Неминовно е потребно да се води поголема грижа за она што е вредно и уникатно, за екологијата и  чистотата на градот. Со ваков став излегоа екологистите и претставниците на невладиниот сектор на стручната расправа околу измените и дополнувањата на Генерален урбанистички план за град Охрид.

Како што веќе објавивме Студенчишкото блато останува строго заштитена зона. Сега ќе треба да се изврши одредена ревизија на студијата која беше усвоена од Советот на Општина Охрид во 2012 година, дека целата површина од 70-на хектари останува како блатна површина. Според експертот проф. д-р Трајче Талески, активист на неформалното движење „ОхридСОС“,на некој начин е одложена средбата помеѓу граѓанските здруженија кои се борат за зачувување на охридското блато како единствено блато на крајбрежјето и оној дел од интересентите кои сакаат овој дел од еко системот да го употребат за други намени, односно да го урбанизираат.
Талевски најави дека по иницијатива на “ОхридСОС” на 18 мај во Охрид доаѓа претседателот на здружението на истражувачи на блатни системи на Европа, Јошка Ковен. Целта на неговата посета е да ја согледа состојбата со Студенчишкото блато.

blato gotovo

Колку за потсетување, деновиве Здружението за заштита на жиотните и животната средина ЕДЕН излезе со резултати од спроведеното истражување на јавното мислење. Речиси 89 % од испитаниците од државните институции се изјасниле дека сметаат дека Студечнишкото блато треба да се прогласи за споменик на природата, додека сите анкетирани граѓани недвосмислено одговориле дека тоа треба да се заштити.
43,5 проценти од анкетираните граѓаните се изјасниле дека Охрид воопшто нема потреба од марина. Доколку веќе се гради, сите сметаат дека не смее и не треба да се гради кај Студенчишко блато. На речиси 69% не им се допаѓаат тековните градежни зафати долж каналот Студенчишта.

Поборниците за екологија и заштита на животната средина преку своите излагања беа едногласни во барањата да се посвети внимание на зачувувањето на Охрид.

Надлежните треба да поводат сметка за тоа на какво растојание се објектите кои се предвидуваат, особено за хотелските капацитети.  Оваа сегашна збиеност на хотелите во првиот ред во Охрид е недозволива. И ако и понатаму се предвидува ваква густина ќе нема ни туризам, ни туристи, потенцира Лилјана Попоска од ДОМ – зелена партија.

– Според европските стандарди би требало да има 25 метри квадратни зеленило по жител или 10-30 % од градежната парцела. Кај нас имаме случаи каде има изграденост на парцелата од 70%, но за останатите 30% никаде не е дефинирано дека треба да бидат зеленило. Најчесто тоа се бетонирани површини за паркинг или за други објекти, подвлече Попоска.

Според неа треба да се обрне внимание при изготвувањето на Деталните урбанистички планови да биде внесено колкава површина од парцелата ќе биде зеленило. Решение би било носење на нов закон за зеленило кои ќе ги обезбеди тие 25 метри квадратни зелена површина.

Независниот екологист Лазо Наумоски смета дека целокупниот развој на Охрид треба да се гледа во целото сливно подрачје, како градот би се сочувал еколошки чист.

lakeohrid-4

– Годинава се соочивме со пад на нивото на езерото. Тоа значеше и загрозување на флората и фауната во езерото. Навистина имаме колекторски систем, но и тој има граница колку може да поднесе оптоварување, да ги прифати сите отпадни нечистотии. Ние сакаме Охрид да го развиеме, да се направат модерни хотели и други објекти. Денес во светот се прават предградија за да не бидат обременети градовите, за да не се соочат со еколошки проблеми, рече Наумоски.

Со оглед на тоа што во Македонија нема гасификација, сеуште се сечат шумите за загревање на домовите и други објекти. Наумоски потенцира дека на годишно ниво околу 1 500 000 метри кубни дрвна маса се уништуваат. Ако таа маса се претвори во хектари, доаѓа дека во Македонија на годишно ниво се уништуваат околу 8000 хектари. А сите многу добро ја знаеме функцијата на шумските зелени појаси. Да не дозволиме да ни се случат поплави како оние што го зафатија Скопје, апелира Наумоски.

– Неопходно шумите во сливното подрачје на Охридското езеро да добијат третман на заштитени шуми и на шуми од посебен интерес, вели Наумоски.

Според него неминовно е воведување на субвенции за секој граѓанин во сливното подрачје на Охридското езеро кој поседува шумски зелени појаси не помалку од еден хектар. (Крај)

извор: ОхридПрес   фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука