Охрид, 3. ноември 2024 (ОХРИДПРЕС) – Здружението на љубители и поддржувачи на НП „Галичица“ и еко ентузијасти од Здружението ЕКО Фап од Охрид спроведоа ЕКО акција за поздравување.
Со заеднички сили исчистија дива депонија во границите на Националниот парк „Галичица“, поточно во атарот на селото Пештани, кај местото викано „Краста“.
– Ликвидатори-поединци на последиците од развојот на трговци-поединци во туризмот (авантуризмот), порачаа од ЕКО Фап.
Здружението на љубители и подржувачи на НП „Галичица“ и Здружението Еко ФАП од Охрид, заедно со Планинската Спасителна Служба (ПСС) при Црвен крст Охрид и Алпинистички клуб „Патагонија“ неодамна потпишаа меморандум за соработка со што се формализира и продлабочи соработката, која овие невладини организации од Охрид, ја развиваат подолг временски период.
Порачаа дека продлабочувањето на соработката, се наметнала како логична потреба по искуството од справувањето со последниот голем пожар на Галичица, од направената анализа на јаките и слабите страни на заедничкото делување на терен, како и од потребата за постојано надоградување на капацитетите за поефикасно и покоординирано делување во иднина и тоа не само во насока за справување со пожари, туку и во насока за зголемување на безбедноста на посетителите, како и за спречување на други штетни влијанија врз природните вредности на територијата од Национален Парк „Галичица“. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива