Вевчани, 3. мај 2023 (ОХРИДПРЕС) – Железото се кова додека е жешко, а љубителите и заштитниците на придодата се градат уште од најмлада возраст, потенцираат од локалната канцеларија на Еко-свест во Вевчани, од каде периодов наназад, спроведоа низа едукативни активности наменети за најмладите.
– Заедно со НП „Галичица“ организиравме едукативна тура во природа со ученици од ООУ „Страшо Пинџур“ од Вевчани со прошетка низ дпоменикот на природата „Вевчански извори“ во која најмладите учеа бонтон во природа и како се чуваат заштитени подрачја. Учениците собираа растенија и надгледуваа животински видови кои ги среќаваа во прошетката, потенцираат од Еко-свест.
Во соработка со Детската градинка „Планински цвет“ организирана е прошетка во природа.
– Со дечињата заедно зборувавме за животните и растенијата во нашата околина. Учевме за важноста на водата, зошто треба да се внимава ѓубрето да не завршува во неа и како ја чуваме реката, информираат од Еко-свест.
Креативните ученици од ООУ „Страшо Пинџур“ од Вевчани и уметникот Горан Ристовски исцртаа мурал во училишниот двор, со кој на своите врсници но и останатите жители и посетители на Вевчани сакаат да им укажат за значењето на водата и природните вредности.
– Целта на сите овие активности е едукација од мали нозе со цел подигање на свесноста зошто ни е важна животната средина и зошто мора да ја штитиме. И од досега виденото, можеме да се пофалиме дека во младите генерации природата ќе има многу сојузници и борци кои ќе ѝ помагаат. Сето ова е само мал дел од работата на Еко-свест во Вевчани преку локалната канцеларија. За следниот период се планира и изработка на трајна поставка за природата во Мултикултурниот центар во Вевчани, поставување на информативни табли и знаци во Споменикот на природата „Вевчански извори“, бележење на велосипедски патеки, промоција на заштитеното подрачје преку онлајн кампања и многу други, додаваат од Еко свест. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива