Охрид, 19. јули 2019 (ОХРИДПРЕС) – Дека годините се само бројка и не влијаат ако се има силна волја и ентузијазам докажа Словенецот Полде Талер од Блед, кој со своите 76 години успешно го заврши планираниот подвиг и пеш помина 1400 километри од Триглав до Охрид.
Супер радио и OhridPress ексклузивно ви ја пренесуваат приказната за 35 дневното патување на Талер, кој инаку бил ултрамаратонец. Талер е добар пријател со познатиот планинар, екологист, вљубеник во природата и радио водител на Супер радио, Жанко Зш Голабоски.
Вели идејата за ова патешествие е од пред 40 години и е особено задоволен што ја реализирал. Одел сам, со својата количка во која носел опрема за кампување, храна и други реквизити, а попатно добивал поддршка од мештаните низ местата каде минувал.
– Идејата ја имав уште пред 40 години, уште во поранешна Југославија. Сакав делницата да ја поминам со трчање, тогаш не успеав, но не се откажав, бидејќи сум вљубеник во Охрид. Па, така ја реализирав сега, но со пешачење. Чекав две недели за временските услови на Триглав да се смират за да можам да тргнам. Ја поминав цела Словенија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Србија, Црна Гора, Косово, Македонија и крајната цел Охрид. Се движев претежно по пат, заради колицата, се соочив со различни врменски прилики, жешко и ладно време, дожд и олуи. Преноќував во шатор, а понекогаш и во хотели и хостели. Задоволен сум што успеав, истакна Талер.
За поздравување е ентузијазмот и младешкиот дух на словнецот Талер на 76 години да се реши на ваков подвиг, а истовремено е и одлична мотивација за младите генерации. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес/Полде Талер