Охрид, 4. јули 2017 (ОХРИДПРЕС) – Според очекуваната дури и максимална магнитуда, типот на подлогата под Охрид, еластичноста на карпите и друго, нема потреба од страв за некаков разорен земјотрес или поголеми штети.
Единствено треба поголемо внимание ако се живее или се поминува покрај стари објекти без бетон и арматура и со издадени балкони, настрешници, лимени и други додатоци, високи оџаци и др. и тоа особено во следните 2-3 дена и особено во селските населби кон епицентралниот дел.
Ова меѓу другото го напиша на својот профил на социјалната мрежа фејсбук го напиша проф. д-р Ивица Милевски од Институтот за географија при Природно математичкиот факултет во Скопје.
– За земјотресите во охридско, нормално дека никој не може со 100% точност да предвиди кога, каде точно и со колкава јачина ќе се случат, ама треба да се знае дека: статистички, според историски податоци и реконструкции, во Охридското епицентрално подрачје силните земјотреси над 4М се многу ретки (на 50-100 години), со и над 5М се уште поретки (на 300-500 години), а со и над 6М на околу 2.000-3.000 години еднаш, напиша професорот Милевски.
И професорот и директор на ИЗИС, Михаил Гаревски во интервјуто за Макфакс изјави дека е неодговорно да се предвидува дали ќе има поголем земјотрес зашто земјотресите и не се предвидуваат. По вчерашниот потрес со магнитуда од 5.1 степен, Гаревски смирува дека не треба да се очекува посилен земјотрес.
– Треба да поминат повеќе години за да се случи посилен земјотрес со магнитуда над 6 степени, каков што се случил во 6 век во Охрид. Во моментов дефинитивно се активирани раседите од македонската страна во охридскиот регион, од Косел, до Свети Наум, па надолу накај Корча, рече Гаревски.
Инаку, од синоќа во Охрид се претставници на Институтот за земјотресно инжинерство од Скопје (ИЗИС) и на Сеизмолошката опсерваторија при Природно математичкиот факултет во Скопје. Тие одржаа координативен состанок со надлежните од општината и извршија увид на дел од штетите предизвикани од земјотресот. (Крај)
извор: Ивица Милевски/Макфакс фото: архива